Краткотраен притвор од 48 часа е одреден на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште на 14 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 лица. Осомничените се спроведени во притвор во затворот во Куманово и во Шуто Оризари.
„До овој момент Основното јавно обвинителство Кочани предложи определување мерка краткотраен притвор за 16 лица. Предлозите се прифатени и мерката е определена за сите 16“, соопштија од ЈОРСМ.
Осомничените во зависност од нивната функција се гонат за различни кривични дела. За тешки дела против општата сигурност, а се испитуваат и дејствија на примање поткуп, како и за незаконска набавка на пиротехнички средства. Во меѓувреме од обвинителството информираат и дека во близина на дискотеката имало склад за гориво.
„При увидот е констатирано дека постоел склад за гориво во близина на објектот. Сите околности се испитуваат“, информираат од обвинителството.
Еден од осомничените, Столе Боев, кој бил дел од обезбедување во дискотеката на кобната вечер пред да биде спроведен во притвор изјави дека ги спасил сите што можел и жали за тие што не успеал да ги спаси.
Над 20 лица се осомничени во случајот. Дискотеката била регистрирана како објект за лесна индустрија, не угостителски објект, а немала ни лиценца за работа. Во дискотеката имало 500 лица, а карти биле продадени за 250. Пиротехнички средства поради кои изби пожарот ги донел бендот ДНК, а лицето задолжена за нивна употреба е меѓу жртвите. Нивната употреба не била пријавена во полиција, а концертот бил на диво без писмен договор меѓу организаторот и изведувачите. Прекршени биле повеќе стандарди за противпожарна заштита. Имало само два ПП апарати. Немало излезни врати за евакуација.
Марија Митевска