Вести Македонија Најважни

Определен притвор од 48 часа за Бектеши, Трајковски и уште 12 осомничени лица за пожарот во Кочани

Одреден е краткотраен притвор од 48 часа на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 14 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор во траење од 48 часа“, информираа од Основниот суд Кочани.

Како што дополнуваат, Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени.

Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се работи на итно процесуирање на 14 осомничени.  Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.

„Вкупно до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица обезбедени од нашето постапување до овој момент. По однос на увидот можам да кажам дека сите важни релевантни факти и докази на местото се обезбедени и следат дополнителни анализи и вештачења од соодветна област“, рече Коцевски, дополнувајќи дека во текот на оваа недела има можност да се поведе истражна постапка.

На сослушување во ОЈО Кочани во врска со трагедијата синоќа беа спроведени поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и уште едно лице. Претходно на распит беше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов,  и како што соопшти Обвинителството дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од Обвинителството.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Путин нема да присуствува на БРИКС, му се заканува апсење

Дејан Дејан

За 24 проценти е зголемен бројот на починати од насилна смрт

Дејан Дејан

Денеска и утре пеколни температури, викендот освежување за пет до седум степени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе