Изземање на судијата Ивица Стефановски за пристрасност побара првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
На денешното рочиште Палевски обвини дека пресудата за него е нарачана и веќе донесена уште на првата прес конференција година од страна на надлежните која се одржа два дена по проаноѓањето на телата на жртвите на 5 декември, 2023 година и затоа судијата Стефановски крие оружје.
За предмет за двојно убиство потрошив 5 рочишта за да дојдеме до констатација дека ОЈО заборави да провери поседување на оружје, а судијата го спречи барањето на оружјето, рече палевски.
Судијата одговори дека Судот донел решение дека барањето за изземање се одбива и дека против тоа решение не е дозволена жалба.
Одбраната на Палевски се заснова на тоа дека другиот обвинет Боре Видевски поседувал дозвола за оружје и имал пиштол чешка збројовка кој е со калибар 9 мм. На местото на убиството на Жежовски беше пронајдена чаура од пиштол со калибар 9 мм.
Инаку ниту пиштолот на Видевски е најден, ниту оружјето со кои се извршени двете убиства.
Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски побара дополнение на вештачењето на чаурата за да се види дали е испукана од пиштолот на Видевски.
Вештото лице да изврши проверка на оваа чаура со базата на податоци на МВР дали оваа чаура потекнува од оружје од базата на МВР, конкретно од пиштолот на Боре Видевски. Бараме и вештото лице Јасминка Трајковска од оддел за форензика да биде повикана пред Судот, рече витановски.
На денешното рочиште како доказ не беше изведена и снимката од Халк банка, која ја бараше одбраната на Палевски со цел да докаже дека на денот на убиството на девојчето тој уплаќал пари, бидејќи се уште не обезбедена.
Но, уплатницата на претходното рочиште беше наведено дека е направена во 11:44 минути, а Реното кангу, според обвинителството кое е управувано од Палевски, е забележано на Сејф сити во 10 часот откако е извршено убиството како се враќа во седиштето на политичката партија Десна.
Не беше изведена и снимката за која како што тврди одбраната на Палевски покажува дека возилото „Рено кангу“ било во Скопје, а не во Велес ноќта на 21 кон 22 ноември кога е убиен Жежовски.
Но, на едно од претходните рочишта беа прикажани видео снимки од домот на обвинетиот Велибор Манев како таа ноќ во неговиот двор се паркира Реното кангу и сите четворица обвинети таму имаат средба.
Марија Митевска