Континуираната поддршка за Украина и европската одбрана ќе бидат главни теми на денешното специјално заседание на Европскиот совет (ЕС) во Брисел, за каде покана за учество има украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што соопшти Европскиот совет во услови на нов моментум во однос на ситуацијата во Украина, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе разговараат за тоа како Унијата може дополнително да ја поддржи земјата и принципите што треба да се почитуваат во иднина.
Во поканата до лидерите на земјите на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на ЕС, Антонио Кошта порача дека Унијата и нејзините членки се подготвени да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа.
„Затоа треба да бидеме подготвени за можен европски придонес кон безбедносните гаранции кои ќе бидат неопходни за да се обезбеди траен мир во Украина“, нагласи Кошта.
Од почетокот на руската агресија, ЕУ и нејзините земји членки обезбедија, речиси, 135 милијарди евра помош за Украина и украинскиот народ, вклучително и 48,7 милијарди евра за поддршка на украинските вооружени сили.
На Самитот ќе стане се разговара и за европската одбрана, како продолжение на дискусиите започнати на вонредната лидерска средба на ЕУ на 3 февруари на кој се разговараше за зајакнување на колективните одбранбени капацитети, финансирањето на одбраната и стратешките партнерства.
„Надоврзувајќи се на таа дискусија и со оглед на итноста на ситуацијата во Украина, лидерите ќе имаат за цел да ги донесат првите одлуки што ќе и помогнат на Европа да стане посуверена, поспособна и подобро опремена да се справи со сегашните и идните безбедносни предизвици“, се наведува во најавата за специјалниот ЕС.
Земјите членки на ЕУ досега во неколку наврати најавија посветеност на определбата за зголемување на своите издвојување за потребите на одбраната и веќе презедоа одредени активности во тој правец.
„Помеѓу 2021 и 2024 година, вкупните трошоци за одбрана на земјите членки се зголемија за повеќе од 30 отсто на околу 326 милијарди евра, што е приближно изнесува 1,9 отсто од БДП на ЕУ“, се додава во најавата.
Во пресрет на Самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во вторникот претстави План за повторно вооружување на Европа, кој предвидува создавање на Фонд кој би можел да мобилизира близу 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната во ЕУ, како и за воена помош за Украина.
Планот се состои од пет дела, кои предвидуваат зголемено јавно финансирање на одбраната на национално ниво, создавање нов Инструмент преку кој ќе се обезбедат 150 милијарди евра заеми на земјите членки наменети за заеднички вложувања во одбраната, користење на средства од буџетот на ЕУ на краток рок за инвестиции поврзани со одбраната, мобилизирање на приватниот капитал за вложување во одбранбените потреби, како и вклучување на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во обезбедувањето средства за зајакнување на одбраната.