План за ре-вооружување на Европа. Ова е предлогот што Европската комисија ќе им го претстави на европските лидери кои дојдоа на вонреден Самит во Брисел, во време кога Соединетите држави целосно ја променија надворешната политика кон Украина.
Украинскиот претрседател дојде на самитот во Брисел заедно со челниците на Унијата. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Кога Соединетите држави ја прекинаа помошта за неговата земја, а потоа и размената на разузнавачки информации Володимир Зеленски не штеди зборови да и се заблагодари на Европа.
„Благодарни сме што не сме сами. И ова не се само зборови. Сметаме дека ова е многу важно. Дадовте силен сигнал на украинскиот народ, на украинските војници, на цивилите, на сите наши семејства и одлично е што не сме сами“ изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Планот што го предлага Фон дер Лајен значи олабавувбање на буџетските правила за земјите кои се подготвени да трошат многу повеќе за одбраната. Планот за ре-вооружување на Европа предвидува до 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната и на земјите членки, и ќе им овозможува фискален простор да инвестираат во одбраната и во украинската одбранбена индустрија, за да се обезбедат одбранбени капацитети наменети директно за Украина. Вака, вели Фон дер Лајен се ревооружува и ЕУ, но и Украина.
„Потребни ни се посебни мекри. Многу ти благодарам Володимир што дојде, бидејќи е важно да се држиме заедно. Ова е пресуден момент за Европа и за Украина како дел од европското семејство. Исто така, ова е пресуден момент за Украина. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа Европа мора да биде способна да се заштити и да се одбрани себеси, како што мораме да ја ставиме Украина во позиција да се заштити и да се залага за траен и праведен мир“ изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија .
Европските лидери се свесни колку треба да се вложува во европската безбедност.
„За мене, да бидам искрена, најважна работа е да се ревооружи Европа и мислам дека немаме многу време. Значи ревооружување на Европа. Трошете, трошете трошете на одбрана и на одвраќање. Тоа е најважната порака“ изјави Мете Фредриксен, премиерка на Данска.
Поголемиот дел од зголемените трошоци за одбраната би требало да потекнуваат од националните буџети во време кога многу земји се веќе преоптоварени со долгови. Но, тука е и заканата да не се постигне договор. Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште во понеделникот најави дека ќе се залага овој самит да заврши без заклучоци затоа што нема заеднички став во Европа околу Украина.
Марија Дивитарова