Украинските и американските тимови почнаа да работат на претстојниот состанок, најави вечерва украинскиот претседател Зеленски информирајќи дека шефот на неговиот кабинет Андриј Јермак веќе имал разговор со Мајк Валц, советник за национална безбедност на САД и дека очекува резултати следната недела.
- „Се подготвуваме за самитот на ЕУ, кој ќе се одржи утре во Брисел. Сите можат да видат колку брзо се одвиваат дипломатските настани. Денес, украинските и американските тимови почнаа да работат на претстојниот состанок. Андриј Јермак (шеф на Канцеларијата на претседателот на Украина) и Мајк Валц (советник за национална безбедност на САД) имаа разговори, а следната недела се надеваме дека ќе го видиме првиот резултат, рече Володимир Зеленски, украински претседател.
Ова е прв контакт по минатонеделниот прекин на дијалогот со САД по неуспешниот обид во Белата куќа, да се постигне договор за експлоатација на украинските минерали, кој требаше да доведе до примирје со Русија. Зеленски ја напушти Белата куќа, но наиде на позитивни сигнали, откако на претседателот на САД му испрати писмо во кое напиша дека Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро, со цел постигнување траен мир.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека оваа најава е „позитивен сигнал“, но нагласи дека сè уште има правни и политички пречки.
Во истовреме белорускиот претседател Лукашенко вели дека Минск е подготвен да биде домаќин на трилатералка САД, Украина – Русија. A Францускиот претседател Макрон размислува за заедничка посета на Вашингтон заедно со Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер. Очигледно се поставува дијалог за траен мир, порача портпаролот на француската влада.
„Ние сме сосема задоволни од продолжувањето на разговорите меѓу Украина и САД. Сцената на која бевме сведоци минатата недела го запрепасти светот. Беше неверојатно. Добро е што дијалогот може да продолжи на соодветна основа за дијалог, и во овој поглед, ја поздравувам подадената рака на претседателот Зеленски, изјави Софи Примас, портпарол на француската Влада“.
Во говорот пред Конгресот по минатонеделниот катастрофален состанок во Белата куќа, претседателот Трамп рече дека Зеленски му напишал дека Украина е подготвена да преговара за мировен договор со Русија што е можно поскоро, и дека ќе прифати договор за критичните минерали со САД за да го олесни тоа.
Во меѓувреме, Макрон телефонски разговараше последователно со Трамп и Зеленски и ја повтори „решителноста на Франција да работи со сите страни за да се постигне цврст и траен мир во Украина“, соопштија од неговиот кабинет, без да наведат детали за разговорот со Трамп.
Теа Димковска