„Златното доба на Америка штотуку започна“. Вака американскиот претседател Доналд Трамп го заврши своето обраќање пред Конгресот. Ова беше најдолго обраќање. Траеше час и 40 минути. Со овие сто минути Трамп го урна рекордот што претходно го постави претседателот Бил Клинтон пред точно 25 години, кога зборуваше безмалку час и половина. За главната тема околу Украина прочита писмо од украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кое украинскиот претседател пишува дека е подготвен да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро. Зборуваше за трговската војна што ја отвори со Канада, Кина и со Мексико, велејќи дека тоа ќе донесе мало пореметување, и силно ја критикуваше администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден.
„Меѓу моите највисоки приоритети е да ја спасам нашата економија и да овозможам значителна и итна помош за работничките семејства. Како што знаете, од претходната администрација наследивме економска катастрофа и инфлациски кошмар. Нивните политики ги зголемија цените на енергијата, ги зголемија трошоците за намирници и трошоците за живот ги направија недостижни за милиони Американци. Ја претрпевме најлошата инфлација во последните 48 години. Но, можеби дури и во историјата на нашата земја. Како претседател, секој ден се борам да ја поправам оваа штета и да ја направам Америка повторно достапна“, порача Трамп.
Во своето прво обраќање Трамп ја повтори идејата дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд, повикувајќи се на националната безбедност. Не изостави и да му се заблагодари на неговиот близок соработник Илон Маск, кој раководи со одделот за владина ефикасност. Благодарност за тоа што Маск работи напорно, наведувајќи примери како го елиминира расипничкото трошење. Ребубликанците со овации го поздравија обраќањето на Трамп.
Демократите брзо излегоа од салата. Претходно се случи инцидент, кога пратеникот Ал Грин, уште на почетокот почна да довикува кон претседателот, а потоа обезбедувањето го извади од салата. Демократите силно го критикуваа говорот на Трамп. Од тоа дека лаже, до тоа дека сè што прави неговата администрација е ненормално.
„Укажуваме дека ова не е нормално. Овој претседател не е нормален, колку што нашите републикански колеги сакаат да ги прикажат сите дека сè е нормално. Она што го направи овој претседател во првите недели од оваа администрација е навистина, навистина ненормално. Начинот на кој тој ја практикува извршната власт, тврдејќи дека има право да затвора одделенија, да затвора агенции и да не ги троши присвоените средства на Конгресот на начин на кој законот предвидуваше“, рече Марк Танако, конгресмен на демократите.
Говорот на Трамп всушност ја покажа поделеноста на земјата.
„Партиските поделби беа евидентни за време на изјавите на Трамп. Републиканците го поддржаа претседателот со повеќекратни овации и гласно отпоздравување. Демократите ниту еднаш не станаа за време на неговиот говор и ретко аплаудираа. Некои од демократите држеа транспаренти со критички пораки кон Трамп, па дури и предвреме ја напуштија салата. Еден беше спроведен откако одби да седне. Во име на демократите, сенаторката од Мичиген, Елиса Слоткин одговори во име на нејзината партија, фокусирајќи се главно на економијата“, истакна Мег Кинард, Асошиејтед прес.
Аналитичарите оценуваат дека обраќањето на Трамп, сепак, најмногу беше за себепромоција, оценувајќи се самиот себеси дека од почетокот на својот мандат постигнал повеќе од било која администрација претходно. А, само што почнавме, вели Трамп.
Марија Дивитарова