Во 43 денови постигнавме многу повеќе отколку некои администрации тоа успеаа да го направат во текот на четири или осум години, а допрва почнуваме, порача американскиот претседател Доналд Трамп во своето прво обраќање пред Конгресот од преземањето на функцијата.
Шест недели од почетокот на неговиот втор мандат, Трамп дојде на Капитол Хил кој е под целосна контрола на неговата Републиканска партија да сврти неколку победнички кругови пред своите обожаватели.
Половина час ги фалеше достигнувањата на неговата администрација, во негов стил тврдејќи дека некои луѓе сметаат оти тоа е најуспешниот почеток на некоја администрација во историјата на САД.
Споредувајќи се со првиот претседател на САД Џорџ Вашингтон, Трамп се пофали дека ја обновил гордоста и самодовербата на нацијата.
Но другата страна ладно го дочека и проследи неговиот без малку двочасовен говор, не само затоа што станува збор за политички опоненти, туку затоа што Трамп во текот на целиот говор постојано ги обвинуваше за секој проблем и неуспешна политика последниве децении во САД.
Ги исмеваше демократите зошто не му ракоплескале кога влегувал во салата, и зошто не се смееле кога сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен, ја нарече Покахонтас, според истоимениот анимиран филм на Дизни.
Го обвини претходникот Џо Бајден за многу работи, па дури и за високата цена на јајцата, при што вети дека ќе ја спаси американската економија.
Во публиката го пронајде Илон Маск и го посочи, тврдејќи дека неговото т.н Министерство за ефикасност ќе ја намали инфлацијата во САД преку запирање на расипничкото трошење на федералните агенции, странската помош и проневерите.
Вети дека ќе продолжат со спроведувањето на построга мигрантска политика, а се осврна и на царините, инсистирајќи дека тие го заштитуваат душата на државата. Воведувањето на царини за Канада, Мексико и Кина пред неколку денови предизвикаа пад на берзите, но Трамп нема намера да попушти. Најави дека за идниот месец се планира воведување на царини и за сите американски сојузници.
Исто така вети и дека ќе го балансира буџетот, но по громогласниот аплауз од републиканците, не појасни на кој начин планира да го направи тоа и брзо ја смени темата, продолжувајќи да зборува за намалување на даноците.
Тука ги повтори ветувањата од кампањата, укинување на данокот на бакшиш за вработените во угостителската индустрија, како и даноците за дополнителни работни часови и за социјално осигурување. Експертите предупредуваат дека спроведувањето на овие реформи ќе значи дополнителни стотици милијарди долари во буџетскиот дефицит.
Кога го заврши говорот а демократите набрзина се упатија кон најблиските излези од салата, Трамп постави рекорд за најдолгото претседателско обраќање во Конгресот.