Жалење за начинот на кој мина неговата последна посета на Вашингтон, но и подготвеност да го потпише договорот за ретки минерали и да работи под, како што вели, цврстото водство на американскиот претседател Доналд Трамп за изнаоѓање на мир во Украина. Ова се дел од пораките што украинскиот претседател Володимир Зеленски ги сподели попладнево на платформата Икс, со дополнување дека е „време да се исправат работите“. Меѓудругото, тој упати нова благодарност до Трамп што овозможил испорака на ракетите Џавелин за украинската војска.
„Би сакал да ја повторам украинската посветеност за мир. Никој од нас не сака бесконечна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да го приближи трајниот мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците. Мојот тим и јас сме подготвени да работиме под цврстото водство на претседателот Трамп за да постигнеме мир кој ќе трае“, напиша Зеленски на Икс.
Зеленски предложи и Нацрт план за мир за завршување на војната во Украина. Според него, првата фаза би вклучувала ослободување на затвореници и забрана за ракети и дронови со долг дострел врз енергетската и цивилна инфраструктура. Освен во воздух, прекинот на огнот, како што наведе, би можел да се примени и на море. Нагласи дека Украина е подготвена веднаш да ги спроведе тие точки, доколку и Русија го стори истото.
„Нашиот состанок во Вашингтон, во петокот во Белата куќа, не беше каков што требаше да биде. Жал ни е што се случи сето тоа. Време е да ги исправиме работите. Сакаме идната соработка и комуникација да бидат конструктивни“, нагласува Зеленски во објавата на Икс.
Во исчекување на коментар од Трамп за пораките од Зеленски, стигна реакција од Маск.
„Важни се делата, не зборовите. Ќе видиме какви потези ќе следуваат“, одговори Маск на пораките на Зеленски.
Пораките на Зеленски доаѓаат по нецел ден од „замрзнување“ на воената помош на САД за Украина. Официјалниот претставник тврди дека „помошта е ставена во мирување и се разгледува за да се осигура дека таа придонесува за решение. Според Блумберг и Фокс њуз, мерката ќе трае сè додека претседателот Трамп не заклучи дека украинските челници покажуваат добра волја за постигнување на мир.
И додека САД привремено ја „замрзна“ помошта за Украина, Европската Унија се обидува да се мобилизира во новонастанатата ситуација. Европските лидери изразија подготвеност да ја „засилат“ одбраната. Ова го потврди претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и рече дека Европа е во „ера на повторно вооружување“ со изложување на плановите за, речиси, 800 милијарди евра за одбранбени трошоци.
Обемниот пакет за повторно вооружување на Европа ќе биде доставен до 27-те лидери на ЕУ кои е предвидено да се состанат во четврток во Брисел на итен состанок на кој главна тема ќе биде Украина.
Сашко Димовски