Белата куќа потврди дека САД пдлучи времено да ја паузираат помошта за Украина за да се уверат дека таа придонесува за решението.
- Претседателот јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Потребно е нашите партнери да бидат посветени на таа цел, соопштија од кабинетот на Трамп.
Паузата ќе трае се додека Трамп не заклучи дека украинските лидери покажуваат добра волја да постигнат мир, објави Fox News.
- Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза, изјави претставник на администрацијата на Трамп за Фокс њуз.
Со одлуката е опфатена испораката на целата американска воена опрема која моментално не е во Украина, а сопрена е и испораката на оружјето кое во транзит со авиони и бродови и она во транзитните зони во Полска.
Според американските медиуми Трамп му наредил на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет да го почне процесот на паузирање.
Неколку часа претходно Трамп им рече на новинарите во Белата куќа дека не разговарал за задржување на воената помош за Украина, но повтори дека Зеленски „треба да биде поблагодарен“ за американската поддршка.
Потегот доаѓа неколку дена по вербалниот судир на Трамп со Зеленски во Белата куќа и откако американскиот претседател ја промени американската политика кон Украина и Русија.
За три години војна, Америка испорача помош на Украина од над 180 милијарди долари, а Трамп тврди дека вкупната сума е 350 милијарди долари. Околу 79 милијарди долари Соединетите држави дадоа за производство на оружје, муниција и воена опрема во американските фабрики.