Киев денес тагува за луѓето кои ги изгубија животите во војната и жителите кои ги напуштија своите домови. Три години поминаа откако Русија со тенкови, проектили и летачки дронови влезе на територијата на Украина и ја започна инвазијата.
Украинците кои останаа во земјата сметаат дека ова се трите најлоши години, сепак потребна е борба за единство меѓу луѓето не само за време на војната, туку и по неа.
„Мене ми се чини дека (ситуацијата во Украина) е најлоша во овие три години“ рече Карина Буи, студентка во Киев.
„Треба да разбереме дека треба да се бориме не само во време на војна, туку, ако е можно, тоа да се случи, да останеме обединети и во време на мир. Затоа што сè што обидува и прави Русија е да го исмее нашиот народ и да ја подели заедницата“ изјави Дејвид Деревлијани, локален жител.
На тригодишнината од руската инвазија, во Киев се одржува самит на кој присуствуваат 27 европски лидери и канадскиот премиер Трудо во знак на поддршка. Зеленски ја потенцираше важноста на вистинскиот и сигурен мир.
„Оваа година мора да биде година на почеток на вистински и сигурен мир. Путин нема да ни го подари овој мир, ниту ќе подари нешто во замена. Мораме да постигнеме мир преку сила, мудрост и единство – преку нашата соработка. Мирот не може да се прогласи за еден час, во еден ден, денес, утре или задутре. За жал, тоа е реалноста“ потенцираше Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Европските лидери велат дека не се откажуваат од обезбедување на целосен мир на територијата на Украина, како и зачувување на суверенитетот на државата. Од друга страна шефот на руската дипломатија Лавров вели дека Русија е подготвена да разговара со сите засегнати страни се со цел да се постигне мир и крај на војната.
„Слободна и суверена Украина не е само во европски интерес, туку е и во интерес на целиот свет, затоа што автократите ширум светот многу внимателно набљудуваат дали има неказнивост ако ги прекршите меѓународните граници или го нападнете вашиот сосед, или дали постои вистинско одвраќање“ нагласи Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија.
„Подготвени сме да преговараме и со Украина и со Европа, со сите претставници кои во духот на добра волја би сакале да помогнат да се постигне мир, но ќе ги прекинеме воените операции само кога овие преговори ќе дадат цврст, одржлив резултат, кој ќе биде прифатлив за Руската Федерација“ изјави Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија.
Паралелно денес во Вашингтон се одржува средба меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Средбата доаѓа по одлуката на американската администрација да ги исклучи Европа и Украина од преговорите во Саудиска Арабија меѓу високи функционери на САД и Русија.
Теа Димковска
Денес се одбележуваат три години од руската инвазија на Украина