Македонската кошаркарска репрезентација со победа против Полска ги заокружи квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи годинава. Натпреварот немаше резултатско значење, бидејќи нашата селекција уште минатиот петок ги загуби шансите за пласман на континенталниот турнир, кога беше убедливо поразена од Естонија во Талин.
Македонија достојно се збогуваше од евроквалификациите и вечерва во салата „Кале“ во Скопје ја совлада Полска со 88-74. Ова беше наша втора победа во групата Х и втора остварена против истиот ривал.
Момците на селекторот Александар Јончевски го контролираа натпреварот од почеток до крај. На полувремето водевме со 45-39 иако во еден момент во вториот период имавме и двоцифрена предност. Полска се закани кон средината на третата четвртина кога дојде до израмнување 53-53, но Македонија брзо реагираше и дојде до +12 или 67-55 пред стартот на последените 10 минути. Гостите имаа уште еден налет во последниот период, но нашите кошаркари со одлична игра во финишот не дозволија никакво изненадување и на крајот славеа убедливо со 14 поени разлика или 88-74.
Ти Џеј Шортс беше најефикасен во редовите на Македонија со 23 поени, Андреј Маслинко имаше 22 без промашен шут, а двоциврени беа и Лејсон Зеќири со 17 и Ненад Димитријевиќ со 11 поени.
Македонија го освои третото место во групата Х, зад Литванија и Естонија, кои се пласираа на Европското првенство, но таму ќе игра и Полска без разлика што беше последна, бидејќи е една од ко-домаќините на турнирот.