Изборниот ден во Германија за канцеларот Олаф Шолц почна со утрински џогинг со телохранители. По вообичаената истрчана рута, средување, социјалдемократот во прудружба на сопругата, се појави на гласачкото место во Потсдам, во покраината Бранденбург, каде се наоѓа и неговата изборна единица. Гласаше и неговиот најсериозен ривал за канцелар, Фридрих Мерц од редовите на Демохристијаните. Вети цврсто поместување во десно, во обид да привлече и дел од симпатизерите на крајно десничарската Алтернатива за Германија, но и „силен глас“ во Европа во време на хаотични турбуленции. Правото на глас го оствари во Арнсберг, во покраината Северна Рајна Вестфилија, подрачје кое што важи за демохристијанска тврдина.
Германија денеска гласа за 630 пратеници во Бундестагот, на вонредни парламентарни избори кои се одржуваат седум месеци порано од редовниот термин. Право на глас имаат околу 60 милиони Германци кои претседателот Франк Валтер Штајнмаер ги повика на масовна излезност на гласачките места кои се отворија во 8 часот, а ќе се затворат во 18 часот.
Меѓу гласачите доминираат неколку теми, како загриженост за повеќегодишната стагнација на најсилната европска економија, миграцијата, растечката неизвесност околу иднината на Украина и сојузот на Европа со САД. Над 68 отсто од гласачите стравуваат од дополнителен економски пад на земјата. Свесни дека се потребни некакви промени за нашуштање на неизвесноста и пловење во помирни води.
На изборите во Германија учествуваат 29 партии, но само 10 ќе имаат кандидати во сите 16 покраини. Задолжителниот цензус за влез во Бундестагот е пет отсто добиени гласови. Според германскиот изборен модел, апсолутните мнозинства се реткост, како што ќе биде и овојпат. Се очекува земјата и во наредните четири години да биде водена од дво, па и трипартитна владина коалиција.
Во водство ширум земјата, според последните анкети, е опозициската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија Христијанско социјалната унија (ЦСУ) со 30 отсто поддршка меѓу гласачите. Зад нив е крајно десничарската Алтернатива за Германија со 20 отсто поддршка, а по неа следуваат социјалдемократите на Олаф Шолц со 15 отсто подрршка. „Зелените“, чиј адут за канцелар е Роберт Хабек уживаат 13 отсто поддршка, Левива е на 5 отсто, а веднаш под цензусот се Слободните демократи и левичарскиот сојуз на Сара Вагенкнехт со четири отсто поддршка.
Сашко Димовски