Вести Македонија Најважни

Мицкоски од Вашингтон: Направивме многу отстапки, Европа треба да биде принципиелна, наместо со двојни стандарди

Премиерот Христијан Мицкоски вчера се обрати на конференцијата „CPAC“ во Вашингтон, при што ја искористи приликата да ја запознае американската публика со историските и културните знаменитости на Македонија, информираат од Владата.

„Македонците се многу традиционални, ги сакаат своите семејства, можеби сме малку, но македонската заедница во САД е многу важен дел од американското општество. Знам дека го подржаа претседателот Трамп за време на изборите, тие се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп. И тоа што би го додал, а е важно, е дека и ние бевме избрани како нова власт со огромно мнозинство пред осум месеци“, рекол премиерот Христијан Мицкоски објаснувајќи го македонското општество како мултиетничко со две третини Македонци, а една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци, и други.

Додал дека „имаме голема дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност колку што живеат во татковината“. Опишувајќи ја Македонија како срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа, Мицкоски нагласил дека како таква пред извесен период била актуелна на патот на мигрантите кон Европа.

„Ние бевме на „фронтот“ и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти“, рекол Мицкоски и посочил дека токму тоа денеска е главниот фокус и на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Премиерот Мицкоски се осврнал и на стратешкото партнерство на САД и Македонија, откако било истакнато дека нашата земја е една од земјите со најголем придонес во НАТО по глава на жител.

„Одвојуваме над 2 проценти, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека 2 проценти треба да биде ниската граница, а не високата“, посочил македонскиот премиер Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.

Публиката со аплауз ја наградила забелешката на водителката на интервјуто кога забележала дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот на Минхенската мировна конференција што аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Венс.

„За мене тоа беше историски настан и според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, тој негов говор беше многу инспиративен. После говорот дел од публиката го критикуваа сметајќи дека тоа на некој начин е мешање во внатрешните работи на суверени држави“, истакнал Мицкоски.

Македонскиот премиер потенцирал дека од самиот почеток на нашата самостојност од поранешната југословенска федерација ние имаме две стратешки цели.

„Прво да станеме полноправна членка на НАТО и втората е да станеме полноправна членка на Европската Унија. Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот Устав, го сменивме нашето име, затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи тогаш што е?“, запрашал Мицкоски, потенцирајќи дека двојните стандарди продолжуваат и денес.

Рекол дека „не сме во можност да станеме членки на ЕУ, затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот Устав“.

„Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? – Зарем тоа е фер? – Ако некој го критикува говорот, кое според моето скромно мислење беше многу инспиративен, треба да си го впери прстот во себе и да види што тој прави. Европските вредности не се билатеризација на процесот на пристапување кон Унијата“, заклучил премиерот Христијан Мицкоски на интервјуто за време на најголемиот годишен собир на американските конзервативци во Вашингтон. 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Стотици илјади луѓе учествуваа во Парадата на Гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе