Го нарече „диктатор“ и му порача „да побрза оти може да остане без држава. Американскиот претседател Трамп со остри тонови кон Зеленски, кој претходно го обвини дека живее во дезинформациски простор на Русија.
На платформата Трутсошал, Трамп го нарече Зеленски „скромно успешен комичар“ кој успеал да ја убеди администрацијата на Бајден за САД да потрошат 350 милијарди долари на конфликт кој „не можел да се добие и кој никогаш не морал да започне“.
Последното истражување на јавното мислење во Украина покажа дека 52 проценти од Украинците го одобруваат начинот на кој Зеленски ја води земјата и војната против Русија.
Денеска Зеленски се повика на друга анкета, која покажува дека има поддршка од 58 проценти од граѓаните, што, според него, потврдува дека нема лесно да биде сменет. Трамп претходно изјави дека поддршаката на Зеленски паднала на само 4 отсто меѓу украинските гласачи.
Поранешниот украински претседател Порошенко во интервју за украински медиум тврди претседателските избори во Украина ќе се одржат на 26 октомври. Како што истакна, информацијата му е од анонимен извор од кабинетот на Зеленски.
Преговорите за прекин на војната започнаа со телефонски разговор меѓу Путин и Трамп. Путин изјави дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател, но потенцира дека состанокот е потребно да е подготвен за да има резултати. Тој додаде и дека никој не ја исклучува Украина од преговарачкиот процес.
„Што се однесува до преговарачкиот процес, претседателот Трамп преку телефонски разговор ми рече, а тоа можам и да го потврдам дека, се разбира САД претпоставуваат дека преговарачкиот процес ќе се одвива со учество и на Русија и на Украина. Никој не ја исклучува Украина од овој процес. Затоа, нема причина за таква реакција за средбата на Русија и САД“ изјави Владимир Путин, руски претседател.
Преговори за Украина се одвиваат во повеќе земји. Својот првичен облик го добија за време на Минхенската конференција минатата недела, продолжувајќи со средбата на САД и Русија во Ријад. Лидери на земји членки на ЕУ се сретнаа на два одвоени состаноци во Париз.
Денес специјалниот пратеник на САД, Кит Келог пристигна во Киев на средба со Зеленски. Засега нема официјални податоци за текот и исходот на средбите на европските лидери во Париз, ниту конкретни информации по посетата на високиот американски претставник на Украина.
Tea Димковска