Вести Најважни Свет

За Американците прв чекор на долгиот и тежок пат за завршување на војната, за останатите легитимирање на руската агресија

Позитивна и конструктивна. Вака Русија ја оцени денешната средба во Ријад меѓу делегациите на Вашингтон и Москва, предводени од шефовите на дипломатиите. Задоволството на руската страна е очигледно, но не поради првиот чекор кон нормализација на односите со САД, каков што е официјалниот став на Кремљ, туку затоа што за помалку од една седмица Москва успеа да го направи тоа што со децении претходно не успеваше, да внесе раздор помеѓу западните земји.

„Разговорот, според мене, беше многу корисен. Не се слушавме само, туку и се ислушавме едни со други и имам причина да верувам дека американската страна сега има поголемо разбирање за нашата позиција, која уште еднаш детално им ја презентиравме, со конкретни примери врз основа на големиот број изјави на претседателот Путин“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Руската федерација.

Американците инсистираа дека целта на денешната средба во Саудиска Арабија беше да ја испитаат подготвеноста и искреноста на сигналите кои излегуваа од Русија за преговори за мир, но двете страни се договорија за продолжување на овој процес. Вашингтон и Москва ќе формираат тимови на високо ниво да ги продолжат разговорите, како за билатералните односи, така и за ставање крај на војната во Украина. За американскиот државен секретар ова беше првиот чекор на долгиот и тежок пат кон завршување на војната.

„После денеска сум убеден дека тие се подготвени да започнат да се вклучуваат во процес кој ќе одреди како, колку брзо и преку кои механизми може да биде ставен крај на оваа војна. Дали на крајот ќе стигнеме до тој резултат ќе зависи од подготвеноста на сите страни да се согласат на одредени работи“, рече државниот секретар на САД, Марко Рубио.

Вашингтон во линија на претприемачкиот дух, кој стана нов принцип на американската надворешна политика, има различно сфаќање за ситуацијата околу Украина и загриженоста на останатите западни сојузници.

„Претседателот Трамп е решен да дејствува многу брзо. Само што имавме телефонски разговор помеѓу претседателите на државите, прв таков после години, и помалку од една седмица подоцна еве сме на највисоките нивоа на американската и руската влада, и очекуваме да продолжиме со тоа темпо, не само да ја завршиме војната туку и да ги одблокираме тоа што во иднина може да прераснат во многу продуктивни и стабилизирачки односи“, истакна Мајк Валц, советник за национална безбедност на САД.

И додека целиот свет очекуваше вести од Ријад, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков го искористи вниманието за да го продлабочи раздорот кај западот. Суверено право на Украина било да бара членство во ЕУ, и Москва нема да се противи на тоа, но членството во НАТО е сосема друга работа.

Отсуството на Европјаните од масата во Ријад го принуди Зеленски за судбината на чијашто земја се расправа, по заобиколен пат да бара место од кое ќе има збор. Денеска пристигна во Анкара на разговори со турскиот претседател Ердоган, пред утре да ја посети саудиската престолнина. Украинскиот претседател веднаш по објавувањето на средбата во Ријад порача дека неговата земја нема да прифати мировен договор во чии преговори не учествувала.

„Убеден сум дека за Украина, за нашиот регион, за Европа, е клучно било какви преговори за крај на војната да не се одржуваат зад грбот на клучните страни кои се засегнати од руската агресија“, вели Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Многумина во Европа, а особено во Украина, се гневни зошто новата американска администрација, по трите години тотална изолација предводена од Бајден, ѝ дозволи на Русија шанса да се претстави како глобална сила на исто ниво со САД, која не само што седи на сјајната маса во Ријад, која и покрај сите загуби и неуспеси на фронтот и економија која е сè помалку способна да ја поддржи војната, се чувствува и доволно моќна да диктира услови во евентуалните мировни преговори.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Фараж: Албанија да си ги земе криминалците назад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе