Разговараат за војната во Украина, но ова не се преговори за примирје. Ова е ставот на американската делегација, која денеска во Ријад ги одржува првите официјални разговори помеѓу САД и Русија од почетокот на руската инвазија на Украина. Американците инсистираат дека средбата се одржува за да ја проценат подготвеноста на Русија за отворање преговори за примирје во Украина.
Но, руската страна има поинакво гледиште на денешниот настан во саудиската престолнина. Откако вчера министерот за надворешни работи Сергеј Лавров со не мала доза на презир изјави дека не гледа причина зошто европските земји би учествувале во разговорите за крај на војната, денешната изјава на директорот на рускиот инвестициски фонд го следеше истиот тон.
Ние веруваме дека патот напред е преку решенија, преку решавање на проблеми. И навистина гледаме дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим се тим кој ги решава проблемите, луѓе кои веќе се справиле со голем број големи предизвици многу брзо, многу ефикасно и многу успешно. И ние веруваме дека овој пристап за решавање проблеми е многу важен за решавање на прашањата со кои се соочува светот сега, рече Кирил Дмитриев, пред средбата.
Европските земји, кои инсистираат дека преговори за примирје и иднината на Украина не можат да се одржуваат без нив и без Украинците, уште еднаш покажаа дека не се способни брзо да усогласат заеднички став. Вчерашната итна средба во Париз заврши без конкретни решенија, освен повторувањето на ставот дека безбедноста и стабилност на Европскиот континент се тесно поврзани со соработката меѓу Европа и САД.
Полскиот и европскиот став е дека не може да има праведен и траен мир без Украина. Значи како прво, Украина мора да учествува во мировните преговори, и секако, бидејќи тоа ја засега цела Европа, значи и Европа треба да учествува во секој еден од тие разговори, порача полскиот министер за ЕУ Адам шлапка.
И додека Европа и Украина со извесна доза на тензија гледаат кон Ријад, Кремљ го искористи моментот да ги појасни своите позиции при евентуален почеток на преговори со Украина. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека Москва не се противи на украинското приклучување на ЕУ, бидејќи тоа било суверено право на секоја земја, но членувањето во воени организации и сојузи било сосема друга работа.
Зборуваме за интеграција, процеси на економска интеграција, и тука се разбира, никој не може да ѝ наредува на една држава и ние нема да го направиме тоа. Но, имаме сосема различен став за прашања поврзани со безбедноста, поврзани со одбраната или воените сојузи. Тука имаме различен пристап, и тој им е добро познат на сите, рече Песков.
Песков уште тврдеше и дека Путин е подготвен дури и да разговара со Зеленски, откако претходно украинскиот претседател порача дека неговата земја нема да прифати никаков договор за мир во чии преговори не учествувала.
Игор Трајков