Додека европските лидери очајно бараат начин како да се најдат на преговарачката маса во Ријад, американската делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио пристигна во саудиската престолнина. Руската делегација, на чело со министерот за надворешни Сергеј Лавров веќе патува на утрешните разговори за примирје во Украина, на кои иако американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека ќе бидат дел, сепак нема претставник од нај засегнатата страна.
Брзината со која овој процес се одвива ја загрижува Европа, особено поради измешаните сигнали кои пристигнуваат од Вашингтон и кои посочуваат дека администрацијата на Трамп нема 100 проценти јасен план за Украина. Американскиот претседател, кој најавува дека набрзо ќе се сретне со Путин, е убеден дека рускиот претседател сака војната да заврши.
„Сака да престане. И јас го прашав истото, бидејќи ако сака да продолжи, тоа би било голем проблем за нас, а ќе ми создаде голем проблем и мене, затоа што не смеете да дозволите тоа да се случи. Мислам дека сака да заврши (војната), и двете страни сакаат брзо да заврши. И Зеленски исто така да заврши“ изјави Доналд Трамп – Претседател на САД.
Иако во европската равенка за Украина беше вклучена и непредвидливоста на Трамп, сепак организирањето на разговорите во Саудиска Арабија, кои ја заобиколија не само Украина, туку и целата Европа, ги изненадија европските сојузници на САД, кои сметаат дека треба да имаат збор во справувањето со една од најголемите закани по безбедноста на стариот континент.
Исклучувањето на европските земји од преговорите предизвика и подбивен коментар од Лавров, дека не гледа причина зошто тие би требало да учествуваат во преговорите.
„Европската филозофија не води никаде, и затоа не знам зошто би имале место на преговарачката маса. Ако се обидат да подметнат некакви лукави идеи за замрзнување на конфликтот, а всушност имаат намера, како што е нивен обичај, природа и навика, да ја продолжат војната, тогаш зошто воопшто да ги поканиме?“ изјави Сергеј Лавров
Главната цел на итниот самит за Украина, кој денеска се одржува во Париз, е европските држави да го убедат Трамп дека се политички, финансиски и воено доволно моќни да не смеат да бидат заобиколени, и зад нивен грб да биде постигната штетна по европската иднина спогодба со Русија.
Игор Трајков