Вработените во Македонската филхармонија стравуваат дека на конкурсот за избор на нов директор, што трае до понеделник, ќе биде избран кадар од ВЛЕН, кој не е компетентен за функцијата. Затоа испратиле отвореното писмо до премиерот Мицкоски и до министерот за култура и туризам , Љутков. Во писмото велат дека сакале однапред да укажат, за да не се повтори погубната практика на кадровски грешки од минатото. Нивната реакција е поврзана со изјава од интервју во јуни за Телевизијата 24, на денес првиот вицепремиер и министер за животна средина , Меџити. Во неа тој вели дека при распределбата на функциите, ВЛЕН ја добил Македонската филхармонија и дека професорот по соло пеење во Средното музичко училиште, Мустафа Имери ќе биде прв Албанец што ќе раководи со институцијата.
- Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој се уште е во тек, бидејќи името на г-дин Имери сѐ уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција, велат од Македонската филхармонија во отвореното писмо.
Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за вработените. Директор се избира на конкурс, и треба да се избере кандидатот со најдобра програма, професионални квалификации и референци, сметаат од Македонската филхармонија. Ја потсетуваат власта дека во изборната програма за кадровскиот потенцијал на идната владина коалиција, била нагласена решителноста за справување со корупцијата и примената на т.н. мерит систем. Секој друг начин за избор е храброст или дрскост, а од тој избор ќе зависи насоката по која единствениот симфониски оркестар во земјава, кој опстојува 8 децении, ќе се движи во иднина, стои во писмото.
Тие покренаа и петиција, потпишана од 100 од вкупно 120 вработени во институцијата.
Од Министерството за култура кусо одговараат дека додека трае конкурсот не можат ништо да коментираат.
Сотир Трајков