Главниот град на Баварија во наредните три дена ќе биде центар на меѓународната дипломатија. Во Минхен започна 61. Безбедносна конференција која на едно место ќе обедини над 800 официјални лица од 110 држави. Меѓу нив и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Запрашан за најавата на Трамп за трипартитен состанок меѓу украински, руски и американски претставници, рече дека нема информации.
Непросредно пред настанот, тој објави видео на социјалните мрежи за наводен руски напад со дрон врз нуклеарката во Чернобил. Но, и ги предупреди западните партнери да не му веруваат на Путин, како и дека наредната година Русија планира да почне војна со НАТО членките.
Претседателот Трамп рече дека американски, руски и украински претставници ќе состанат во Минхен на разговори за крај на војната, информација која засега е завиена во тајност и неизвесност. Москва порача дека не испраќа никого во Минхен, а тврдењата на Зеленски за руски напад со дрон врз врз нуклеарката во Чернобил, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги нарече измислица.
Контурите на мировниот договор за Украина би можеле да се исцртаат уште викендов во Минхен. Во Минхен пристигнаа челните луѓе на Европската унија, но и клучните луѓе во администрацијата на Трамп, освен државниот секретар Марко Рубио кој мораше да се врати во Вашингтон поради дефект на ветробранското стакло на авионот и се очекува во Германија во текот на денот.
Во рамки на Минхенската конференција ќе се одржат над 350 сесии на различни безбедносни теми. Фокусот, сепак, ќе биде ставен на руско-украинската војна која за 11 дена ќе влезе во четвртата година. Македонија во Минхен ќе биде претставена од премиерот Мицкоски.
Веќе се одржа и состанок меѓу потпретседателот на САД, Венс со првиот човек на НАТО, Марк Рутe на кој, меѓудруго, беше повторена потребата од зголемување на трошоците за одбрана, споделување на финансискиот товар меѓу европските партнери, како и желба за сигурност дека Алијансата е изградена за иднина.
Венс се закани дека во случај Русија да не се согласи на договор за Украина, можно е воено делување. Во меѓувреме, и јавни критики од Германија за американскиот пристап, оценувајчи како грешен, и истакна оти Европската Унија мора да биде вклучена во преговорите за крај на руско-украинската војна. Францускиот претседател, Емануел Макрон порача дека мир кој е капитулација е лоша вест за сите, па и за Американците, додека британскиот премиер Кир Стармер потенцира дека патот на Украина кон членство во НАТО е неповратен и најави поддршка за земјата, колку и да биде потребно.
Сашко Димовски