Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски за злоупотреба на службена положба и овластување за тендерот за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино. Според пријавата, тој ја отфрлил најевтината понуда на „Гранит“ АД Скопје и ја избрал поскапата понуда на РУД-КОП.
„Првопријавениот П.М. во постапката за јавна набавка бр. 11935/2022 за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино, ја искористил службената положба и овластувања како директор на РЕК Битола, на начин што на ден 19.08.2022 година, донел Одлука за избор на најповолна понуда со која противправно ја отфрлил понудата на „Гранит“ АД Скопје, иако понудувачот „Гранит“ АД Скопје бил најефтин и доставил прифатлива понуда“, соопштуваат од Финансиската полиција.
Договор со РУД-КОП во износ од 13,8 милиони евра бил склучен на 3 октомври 2022 година. Се гонат и двајца членови на стручната комисија кои донеле одлука за отфрлање на понудата на „Гранит“, како и претседателот и двајца членови на комисијата за јавна набавка кои ја ограничиле конкуренцијата. Пријава е поднесена и против тројца вработени во Бирото за јавни набавки кои несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, бидејќи не наложиле РЕК Битола да направи повторна евалуација на понудите, туку дозволиле да се потпише договорот со РУД-КОП.
„Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино, пријавените овозможиле правното лице РУД-КОП ДООЕЛ Битола да оствари противправна имотна корист, со што на Буџетот на РСМ направена е штета во висина од 178.370.320 денари“, се нагласува во соопштението на Финансиска полиција.
Буџетот бил оштетен за речиси 3 милиони евра. Инаку РУД-КОП, според електронскиот систем за јавни набавки истата година добила два тендери за ангажирање на помошна механизација за потребите на Рек Битола во износ од 863 илјади евра. Наредната 2023 година три тендери за истата намена кои изнесувале 1,6 милиони евра.
Марија Митевска