Вести Македонија

Кој е законскиот начин за разрешување на државен обвинител: Собрание го разрешува по предлог на влада, но по мислење на Совет на јавни обвинители

Владата соопшти дека отпочнува активности за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, а во законот пишува дека разрешување се покренува по „претходно мислење од Советот на јавните обвинители“.

Законот за јавно обвинителство од 2020 година предвидува тристепена процедура за разрешување на државен обвинител. Еден степен е обвинителскиот систем, втор степен е извршната власта, а трет е законодавната власт која е задолжена да бира и да разрешува, но по предлог на влада и со позитивно мислење на Советот на јавни обвинители.

Новиот начин за избор и разрешување на државен обвинител треба да спречи политизација на врвната функција во системот за борба против криминалот и корупцијата.

Досега овој механизам од новиот закон не бил користен за разрешување. Само двајца државни обвинители се избрани по новиот закон од 2020 година, претходниот Љубомир Јовевски и актуелниот Љупчо Коцевски.

Во членот 88 од ЗЈО стои дека за да се разреши државен обвинител предвидени се два услова – ако станал член на политичка партија или ако извршил тешка дисциплинска повреда „сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици“.

Член 88 од Закон за јавното обвинителство

(1) Владата на Република Северна Македонија, по претходно мислење од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, до Собранието на Република Северна Македонија поднесува предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

(2) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот:

– поради тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеи од 1 до 6 од овој закон ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици или

– ако е член во политичка партија.

(3) Иницијатива за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да поднесе Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, во која ќе ги наведе причините, околностите и фактите од кои се раководел за поднесување на иницијативата.

(4) Владата на Република Северна Македонија предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го доставува до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Северна Македонија да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма.

(5) На седницата на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија на која се расправа по предлогот на Владата на Република Северна Македонија за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија не учествува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

(6) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има право писмено да се произнесе по предлогот од ставот (1) на овој член.

(7) Владата на Република Северна Македонија со предлогот за разрешување задолжително го доставува до Собранието на Република Северна Македонија и мислењето од ставот (4) на овој член.

(8) Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Северна Македонија, рокот од ставот (4) на овој член се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија.

(9) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има право да присуствува на седницата на Собранието на Република Северна Македонија и да се произнесе по предлог на Владата на Република Северна Македонија за негово разрешување.

Тешки дисциплински повреди се дефинирани во член 91 во Законот за јавно обвинителство и првите шест повреди се однесуваат и на државниот обвинител.

Како тешки дисциплински повреди се сметаат намерно или неоправдано правење на крупни професионални грешки, било каква судска пресуда (и затворска казна помала од шест месеци), за дело сторено како обвинител, неизземање во случаи кога требало да се изземе од постапување, издавање на класифицирани информации од истрага и од судења, недолично донесување и кршење на јавен ред и мир, неподнесување изјава за имотна состојба.

Член 91 од Законот за јавното обвинителство

Тешка дисциплинска повреда се смета:

– потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со која се нарушува угледот на јавното обвинителство и неговиот углед,

– ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно со закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити,

– очигледно прекршување на правилата за изземање во ситуации во кои јавниот обвинител знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со закон,

– ако со правосилна судска пресуда е осуден на пократка казна од шест месеци затвор или друга кривична санкција за кривично дело кое е директен резултат на постапување во вршење на јавнообвинителската функција, намерно или со свесна небрежност или

– ако неовластено издава класифицирани информации, односно изнесува информации и податоци за судски предмети со што се повредува обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со закон и кога јавноста е исклучена согласно со закон,

– ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.

Владата во своето обраќање наведе дека аргументите за отпочнување на постапката се последниот извештај за Индекс на перцепција за корупцијата за 2024 година и назначувањето (според владата противзаконски) на вршител на должност на раководител на скопското Вишо Јавно обвинителство, чии раководител и заменик раководител се суспендирани поради истраги и постапки за законско прекршување.

Владата почна постапка за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца пациенти повредени во пожарот во Кочани сè уште се надвор од државата, втората група на Пониква заминува од средина на јули

Дејан Дејан

Трамп не размислува за продолжување на 90-дневната пауза за воведување царини

Дејан Дејан

Жена паднала кај охридската населба Канео

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе