Две црни лимузини изрешетани со куршуми претпладнево беа на паркингот пред трговски центар во Чаир. На тоа место загина 35-годишниот Хабиб Буњаку, вработен во администрацијата на државната енергетска компанија МЕПСО.
Буњаку починал во болница од раните во престрелката меѓу две групи. Според сознанија на Телма, бил на прослава во објект во центарот и при излегување се обидел да раздвои две групи кои се расправале.
Тогаш Буњаку бил смртно ранет, а полицијата соопшти дека причина за престрелката меѓу две групи била сообраќај за што биле известени десетина минути пред полноќ.
„Било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија меѓу две групи, при што било употребено огнено оружје. На местото биле пронајдени два пиштола, неколку возила и други предмети поврзани со делото, соопштија од полицијата“, соопштија од МВР.
Во инцидентот се ранети уште двајца, а полицијата соопшти дека се приведени четворица. Нема информации дали меѓу приведените е и тој што го застрелал Буњаку.
Во рамки на истрагата, од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од безбедносни камери кои се прегледуваат од истражителите на обвинителството.
Буњаку инаку е син на поранешен функционер на ДУИ, неговиот татко Екрем Буњаку до 2017 година бил директор на Техничкиот инспекторат и таа функција ја извршувал осум години. Истрагата, покрај првичните наводи за сообраќај, како причина за инцидентот, проверува и други можни мотиви.
Миомир Серафиновиќ