Вести Македонија Најважни

Сведочење на Гоце Трајковски – Инспектори ме тераа да сликам кај таткото на Вања дома, психопати од Десна ми се закануваат

Инспекторите лажат и ќе кажам сè што ме тераа да правам, рече сведокот Гоце Трајковски на денешното судење за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Трајковски, заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во киднапирањето, спроведувале паралелна потрага со полицијата по исчезнатото девојче.

На денешното сведочење, тој рече дека сè што знаел Александар од случајот за време на потрагата по Вања дознавал од него, затоа што Трајковски имал многу контакти преку кои се обидувале да добијат информации. Инспекторите ме тераа да одам во домот на Александар да сликам плакари и вециња да не се крие Вања таму и ми бараа информации за однесувањето на Александар, рече Трајковски. Обвинителството го праша дали го натерале со сила и зошто не одбил. Тој рече дека не било со сила, и дека кога се работи за исчезнато дете, ќе правел се што ќе му кажеле инспекторите.

Трајковски нагласи дека никогаш не рекол дека Александар бил меѓу основачите на Десна. Тој рече дека со Александар се старо кумство, но оти пред исчезнувањето на Вања се немале видено 15-20 години. Според неговото сведочење, таткото на Вања не е вмешан во случајот.

„Човекот даде еден непристрасен исказ од кој не може да се извлече ништо што би го компромитирало Александар во целата оваа работа и ние сме во основа задоволно, затоа што конечно се слушна целосната вистина, се слушна она што Гоце го кажа и пред јавниот обвинител, но во поширока варијанта, така што ние како одбрана сме задоволни“, рече Александар Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.

Трајковски на почетокот на сведочењето рече дека добивал закани – „Пази што збориш“ од Фејсбук профили, поврзани како што рече, со психопатите од партијата Десна, но оти тој не е беспомошно 14-годишно девојче и не им се плаши.

Адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо побара извинување, но не доби. Потоа побара да не му се поклони верба на сведочењето и изземање на судијата поради пристрасност, но судијата го одби.

Трајковски на сведочењето објаснуваше што правеле во потрагата. Собирале снимки од надзорните камери од дуќаните од околината за да видат на каде се движело девојчето по излегувањето од дома, но на ниедна камера на патеката по која се движело детето, според апликацијата за следење на мобилниот телефон, не се гледало девојчето. Му се јавил и на пријател од Сејф сити, но девојчето го немало ни на безбедносните снимки од полициските камери.

„Другарот ми рече цела полиција е вклучена, девојчето ко со хеликоптер да го земале, нема никаква трага“, рече Трајковски пред судот.

Тој рече дека на пријателот од Сејф сити му испратиле слики од 10 коли кои во моментот кога Вања тргнала на училиште поминувале на улицата пред зградата и оти Цитроенот на Панче Жежовски им бил сомнителен зашто се движел многу бавно.

Трајковски требаше да сведочи на средината на декември, но не дојде, а потоа го снема. Беше во бегство поради тоа што е осомничен за палење кафуле во Кисела Вода. Пред неколку недели се предаде и сега е во притвор.

За убиството и киднапирањето на Вања и Панче Жежовски се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Таткото Александар Ѓорчевски е обвинет дека помогнал во киднапирањето со тоа што им дал информации за движењето на детето.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп не планира да ја продолжи паузата од 90 дена за воведување на царини

Дејан Дејан

Десетгодишно девојче со потекло од Македонија се удави во Италија

Дејан Дејан

Блокадите се отстрануваат, сообраќајот полека се нормализира во градовите во Србија по масовните протести

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе