На кобната ноќ на 29 јануари настрадаа двете семејства. Ова го велат родителите на Васил Јованов кој ја усмрти младата годишната Фросина Кулакова во центарот на Скопје. Првпат се појавија во јавноста заедно со нивниот адвокат, за да расчистат многу дилеми или невистини кои се споделувале по трагедијата.
Родителите велат дека возилото на Васил не му го дале тие, туку тој го украл. И првиот и вториот пат – еднаш кога нивниот син учествувал во сообраќајна несреќа со полесни повреди, а потоа на фаталната ноќ на булеварот Партизански одреди.
Изразија сочувство до семејството и блиските на Фросина, велат загубата е ненадоместлива, а бремето од тоа што се случи ќе го носат до крајот на животот.
Двајцата родители емотивно и со солзи во очите зборуваа пред камерите на медиумите.
Најдлабоко, најискрено, мајчинско сочувство. Особено до мајката на Фросина, затоа што само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Таа вечер се затворија и се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Како мајка стојам на целосно располагање ако со било што можам на другата мајка и на семејството, на каков било начин да се најдам во пребродување на овој претежок период, кажа Ана Јованова, мајката на Васил Јованов.
Семејството на Јованов тврди дека живеат од плата, немаат други станови во Скопје, судии не познавале.
Татко му Зоран Јованов демантира дека некогаш се обидел да влијае на судски постапки – како вработен во Армијата не можел тоа да го направи. Негира дека тоа било случај претходно кога на Васил му се судело за поседување и продажба на дрога.
Од аспект на родител не направив ама баш ништо за да Васил поминува низ системот неказнет. Тоа најодговорно го тврдам пред Бога и пред вас. Иако неколку години имаше потешкотии да се откаже од пушење на трева, исклучиво трева, немаше други наркотични средства – навистина се смени. Си ги смени погледите, си најде психолог, го посетуваше, си најде духовен водач во Св. Јован Бигорски. Се слушаше со него, бевме таму. Имавме план да одиме и цела недела дури. Апсолутно сум човек што верува во казнивост и во одговорност, кажа Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов.
Да се разгледуваат фактите, а не да се бара крв, да се повикува на линч и на „око за око, заб за заб“. Ова го вели адвокатот Сашко Дукоски и тврди дека денешната прес-конференција не е обид за намалување на тоа што се случило туку повик за институциите да си завршат својата работа во судска постапка, наместо да се бара правда на улицата.
Дукоски вели дека со ноторни невистини се подгрева гневот и омразата кон осомничениот. Зборуваше за шпекулациите околу брзината со која возел Васил, како и наводниот обид за негово прогласување за непресметлив, со цел да се промени неговата правна положба.
Возилото со кое Васил ја усмрти Фросина на Партизанска било купено во 2016 година кога Васил имал 12 години и го користела неговата мајка за превоз до работното место.
Ве известувам дека Васил Јованов е пресметлив и психички здрав. Исто така, дури и кога би сакал некој тоа да го направи, како е тоа возможно да се направи?! Беше наведено дека Васил се противел на притворот, со некој речник што не доликува на модерно новинарство. Васил воопшто не зборуваше кај судијата на претходна постапка туку јас зборував. И никој не се противел туку беа дадени законски наоди зошто ние сметаме дека не треба да се определи мерка притвор. Потоа беше наведено дека до 22 и 30 часот бил еден судија на претходна постапка, па потоа се сменил друг судија на претходна постапка, кажа Сашко Дукоски, адвокат.
Вчера, сестрата на Фросина, Росица Кулакова напиша на социјалните мрежи дека добила информација дека адвокатот Дукоски ќе објави видео снимено вечерта кога се случи трагедијата и ги повика медиумите да не го објавуваат истото.
Утре во родниот град на Фросина Кулакова, Неготино, ќе се одржи протестен марш со наслов „Стоп за сообраќајното насилство“.
Целта е да се испрати порака до јавноста и да се подигне свеста за трагедиите коишто се случуваат на улиците. Протестот е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство, како и за неефикасноста на институциите.
Петар Догов