Преземање на контролата врз Појасот Газа и негова комплетна реконструкција, предложи американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон. Додека Трамп ја трансформира Газа во космополитски светски центар, без малку 2-та милиони Палестинци ќе бидат сместени во Египет и Јордан, рече американскиот претседател, убеден дека Каиро и Аман ќе се согласат на тоа, иако имаа 60 години да го направат тоа до сега.
Имаме шанса да направиме нешто што би можело да биде феноменално. Не се обидувам да се додворувам, не сакам да се правам паметен, но Ривиера на Блискиот Исток, тоа би било неверојатно, порача Трамп.
Во Газа ќе живеат луѓе од целиот свет, продолжи Трамп пред да се сети дека таму веќе живеат 1,8 милиони Палестинци.
Замислувам свет, луѓе кои живеат таму, луѓе од целиот свет. Мислам дека ќе можеме да го претвориме во меѓународно, неверојатно место. Потенцијалот на Појасот Газа е неверојатен. И, мислам дека целиот свет, претставници од целиот свет ќе бидат таму и ќе живеат таму. Палестинци исто така, Палестинци ќе живеат таму. Многу луѓе ќе живеат таму, рече американскиот претседател.
Очекувано, Нетанјаху рече дека Трамп е најголемиот пријател што Израел некогаш го имал. Зборовите на американскиот претседател се музика за ушите на отуѓените коалициони партнери на Нетанјаху.
Вие не заобиколувате, гледате работи кои другите одбиваат да ги видат, кажувате работи кои другите одбиваат да ги кажат. И откако сите ќе останат подзинати, ќе подразмислат малку, и ќе кажат, знаете во право е. Токму ваквото размислување ни ги донесе Абрахамските спогодби, токму ваквото размислување ќе го преобликува Блискиот Исток и ќе донесе мир, го фалеше Нетанјаху американскиот претседател.
Разбирливо, Палестинците во Газа не сакаат ни да слушнат за напуштање на својата земја.
Ибрахим Ахмед Амер – Жител на Рафа
Ова е наша земја. Ако сакаат две држави, добро, ако не, ние ќе останеме овде. Каде да одиме? Никаде нема да одиме! Ова е наша земја, земја на нашите предци. Тие дојдоа од другата страна на светот и донесоа убивање, уништување и раселување, и потоа продолжија да не третираат вака, вели Ибрахим Ахмед Амер, Палестинец кој се врати во својот дом во Рафа.
Освен што сите арапски земји веднаш ја отфрлија идејата на Трамп, таа во исто време е и во спротивност со меѓународното право, а раселувањето на милиони Палестинци ќе претставува етничко чистење.
Во исто време, предлогот на Трамп претставува напуштање на американската позиција утврдена со потпишувањето на Спогодбата од Осло, која повеќе од 30 години секоја администрација ја оддржуваше, иако ништо не преземаше да ја реализира.
Игор Трајков