Васил Јованов возел без дозвола и под дејство на алкохол поминал на црвено светло кога ја усмртил Фросина Кулакова, но во јавноста се наметна дилемата дали пропустите во системот резултирале со оваа трагедија.
Имал кривични и прекршочни пријави, а му се судело за марихуана и кокаин. Бил во притвор четири месеци, но излегол на слобода по пресудата летоска, кога судијката Даниела Алексовска Стојановска од Кривичен му определила мерка да оди во поправниот дом во Тетово.
Обвинителството се жалело, предметот e во Апелација која сè уште не однела одлука, а тој стори ново кривично дело.
Прегази 22-годишна девојка на пешачки. Бил третиран како помлад полнолетник што согласно Законот за правда на децата е предвидено под одредени околности – Ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото, може да се очекува дека и со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекувањето на казната.
Од Кривичен сметаат дека завчeрашната сообраќајка е системски проблем со црните сообраќајни точки. Изразуваат жалење, но сметаа дека не треба да се поврзува предметот со дрогата со смртта на младата Фросина.
„Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после седум месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат“, велат од Кривичен суд.
Од Кривичен велат дека Јованов не бил осудуван за друго кривично дело и немало друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава поврзана со сообраќајот. Единствено како малолетник во 2021 година добил судска опомена заради нарушување јавен ред и мир.
Но, Јованов сторил друго кривично дело поврзано со сообраќајот кое не дошло до Кривчниот суд.
На 4 ноември 2022 половина час по полноќ на улицата „Рузвелтова“ со пежото удрил во друг автомобил кој не се движел и ја повредил сопатничката. Министерството за внатрешни работи (МВР) поднело кривична пријава три месеци подоцна, на 1 февруари 2023 година, но обвинителството ја сопрело оваа постапка во договор со оштетената која велат била полесно повредена.
„Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење, согласно чл. 43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова, МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола“, велат од ОЈО Скопје.
Но, според познавачите, иако често полесните сообраќајки минуваат со вакви одлуки во конкретниот случај како отежнителна околност отскокнува тоа што момчето воопшто немало возачка дозвола. Адвокатот Давидовиќ потенцира дека зголемениот број на млади луѓе кои се судираат со законот, одговорност имаат и родителите и образовниот систем, па се до правосудниот систем. Кога се носи пресуда треба да се има предвид личноста на сторителот и дали првпат е во судир со законот.
Феноменот на неказнивоста, децениски присутен во нашето општество, уште еднаш доведе до трагедија во која животот го изгуби 22-годишната Фросина Кулакова, реагираа од Хелсиншкиот комитет од каде посочуваат дека Јованов се провлекувал низ правниот систем што укажува на пропуст на институциите.
„Трагедии од ваков вид треба да делуваат мотивирачки на институциите конечно да преземат неодложни мерки за спречување на влијанијата на корупцијата, кои што патем речено, се главните причини за постоење на неказнивоста во нашиот правен систем“, велат од Хелсиншки комитет.
Дали Јованов ќе оди во воспитниот дом во Тетово за делото со дрогата , треба да пресуди Апелација каде предметот стасал во ноември и тече жалбена постапка. За сообракајката во која животот го загуби Фросина од вчера е притвор
Елена Ивановска Мукоска