Сите барања на студентите ќе бидат исполнети во наредните денови, најави српскиот претседател Александар Вучиќ попладнево во обраќањето до јавноста. Порача дека власта ја разбрала пораката и вети реконструкција на владата, процес со кој очекува да биде опфатен повеќе од половина од кабнитетот на премиерот Вучевиќ. Вучиќ пред нацијата најави и советодавен референдум на кој доколку не добие поддршка, вети дека е подготвен уште истата вечер да поднесе оставка на функцијата. Премиерот Вучевиќ, пак, ги повика студентите, професорите и ректорите на дијалог, порачувајќи им дека вратите на владата се отворени.
Според Вучиќ, објавена е сета документација во врска со несреќата на железничката станица во Нови Сад во ноември, кога пад на натстрешницата однесе 15 човечки животи. Во негов стил, рече дека се објавени 559 линкови, над 13.000 документи, а денеска и дополнителни 10 гигабајти материјали. Најави помилување и на активистите кои се процесуирани за време на протестите и против кои се водат кривични постапки. Потенцира дека ќе се зголеми и буџетот за високо образование за 20 отсто.
Од утрово во 10 часот, Автокоманда во Белград е блокирана. Сообраќајот се пренасочува по останатите улици и булевари во српската престолнина и според најавите, така ќе биде до утре претпладне, кога е планирано да заврши 24-часовната блокада.
Ефикасност на институциите, праведно општество и владеење на правото, ослободување на сите приведени активисти и казни за лицата кои ги нападнаа и повредија. Ова се барањата на студентите на протестите во Србија кои и денеска продолжија со блокада на сообраќајници во Белрад. Студентскиот форум бара и објавување на комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад и одговорност за сите учесници во проектот што го сметаат за коруптивен.
Сашко Димовски