Артан Груби во јуни минатата година си замина од Министерството за односи меѓу заедниците. Но, како тој раководел со институцијата сега излегува на површина. Освен што во неговиот кабинет сакал да игра фудбал на мали голчиња, излезе дека бил љубител и на ќебапчиња.
Пчела во старата скопска чаршија му била омилената ќебапчилница. Две рамковни спогодби за угостителски услуги за две години биле склучени. Првиот во износ од 914 илајди денари или речиси 15 илјади евра. Вториот за неколку илјади повеќе – 1.180 000 денари или приближно 20 илјади евра. Фирмата „Пчела Ш.Е.Љ.“ која раководи со истоимена ќепабчилница и барбикју бар ја добила зделката.
А КОД дојде до фактурите од минатата година и дел од 2023 година. За шест месеци од крајот на декември до средината на јуни лани, биле потрошени околу 5300 евра.
Цената на една десетка со кромид се движи меѓу 350 и 400 денари. Ако го земеме просекот од 6 евра излегува дека биле за овој временски рок биле порачани речиси 900 порции на десетка со кромид. Тоа му доаѓа по 150 порции месечно.
Но, ќебапи не се порачувале секојдневно. Една мала нарачка од 50 евра имало во ноември. Но, затоа неколку нарачки имало во јануари. На два пати во рок од неколку дена. На 22 јануари се потрошиле 690 евра за ќебапи. Три дена подоцна апетитите биле помали па сметката изнесувала 425 евра.
Нова тура ќебапи се нарачала дури во март. Најголемата досега од околу 760 евра. Последната пак сметка за ќебапи на адресата на Минитерството за односи меѓу заедниците стигнала лани на 17 јуни. Само една недела пред во неговото столче да седне наследникот на функцијата Иван Стоилковиќ.
Но, Груби сакал и ресторани кои важат за луксузни. Посебно Воденица, која се наоѓа во центарот на градот. За услуги од ресторанот во февруари, март и мај се потрошиле 750 евра. Најмногу на 28 мај околу 300 евра. На листата се и други ресторани како Панорамика, Стара куќа, Ми каса, Паркленд и Сидро.
Од Панорамика се нарачала храна во износ од 485 евра. Од Стара куќа 640 евра. Од Сидро 186 евра. Потоа од Паркленд 296 евра и Ми Каса 677 евра.
Фактурите за сите овие ресторани оделе преку Пчела. Провизијата за направените услуги, како што може да се види во договорот била незначителна или 0,01 процент. Вкупно за нарачки од Пчела и од рестораните лани биле потрошени 7335 евра. Месечно по повеќе од 1200 евра.
Новиот министер Стоилковиќ, како што дознава КОД, договорот го раскинал на 14 јануари годинава. А дали навистина се набавувале ќебапчиња или во прашање е нешто друго?
БМВ вредно од 60 до 70 илјади евра демолирано и заборавено
Сомнежите за несовесно работење на Груби не завршиле тука. Истиот ден кога се раскинал договорот со Пчела службеници од министерството тргнале во потрага по службено возило во Куманово. Автомобил БМВ серија 5 имал сериозен дефект, односно моторот му бил блокиран. Ауто Лакер Буњо бил задолжен да го сервисира возилото. Во меѓувреме договорот со фирмата завршил, а автомобилот и по 5 месеци откако бил однесен во Ауто Лакер Буњо не бил вратен.
Новиот министер Стоилковиќ неколку пати упатил барање до сервисерот и иако му ветиле не го вратиле БМВ. Службениците тогаш се упатиле во Куманово за да го донесат луксузното возило на паркингот во склоп на министерството. Но, наместо тоа утврдиле дека возилото се наоѓа во многу лоша состојба и му недостасуваат делови.
Левата предна врата и левото предно крило биле демонтирани и на нивно место ставени се делови од друго возило. На моторот му недостасувале делови. Предниот браник бил демонтиран и висел. Двете брави од левата страна биле целосно извадени. Тапацирите од двете врати од левата страна исто така биле извадени. Во багажникот пак биле оставени делови за кои не аможе да се утврди дали се од БМВ.
Финансиска ревизија и проверка на тендерите
А финансиската ревизија која ја нарача Стоилковиќ е завршена и истата ќе се разгледува на затворена седница. За КОД открива дека во неа има наводи за криминал и незаконско работење. Тој ќе бара и ревизија на сите тендери кои ги потпишал неговиот претходник Груби.
А во Министерството за односи меѓу заедниците имало и десетина вработени кои не не само што не доаѓале на работа, туку и живееле во странство. Си добивале редовно плата, а парите ги трошеле надвор од границите на државата. Неработниците добивале и регрес за годишен одмор К15 иако практично цела година биле на одмор, бидејќи на работа не доаѓале. Се вработувале и лица од редовите на ДУИ и институцијата се користела како партиско биро. Сето тоа под палката на Груби.
И додека се открива еден по друг случај главниот осомничен одамна не е во земјава. Од 15 декември се води како недостапен за органите за прогон. Но, за друг случај оној за несовесно работење во Државна лотарија тежок 8 милиони евра. Груби иако на стоп листа, границата со Косово ја помина без никаков проблем и во возило со дипломатски таблици. На големо се зборува дека е во Албанија, но, како што дознава КОД, официјална потврда од тамошните власти нема стигнато до адресата на МВР. Прашање е зошто е тоа така и дали воопшто Груби ќе се соочи со правдата во земјава. Меѓународната потерница со неговиот лик се уште е активна, како што е активна и истрагата на надлежните институции за неговото делување додека беше на функција.
Марија Митевска