Македонската надворешна политика треба да ги затвора отворените прашања, а не да ги отвора и веќе затворените. Ова ставот на дел од аналитичарите по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека македонското прашање не е затворено се додека Македонија не стане полноправна членка на Европската унија. Според Петар Арсовски, Мицкоски со неодамнешната изјава е тој што го држи отворено македонското прашање и идентитетот и покрај ралноста на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и Преговарачката рамка.
„Со тоа тој храни една илузија дека постигнатите договори можеби можат да се сменат во стилот ‘името ќе го вратиме’. И во таква ситуација изгледа како да има проблем за секое решение, наместо решение за секој проблем. Во основа македонската надворшена политика треба да го намалува бројот на отворени прашања, а не постојано да го зголемува. Така што и оние прашања на кои имаме затворање, повторно да ги отвораме. Мислам дека е тоа една непримерна стратегија“, вели Арсовски.
Арсовски притоа смета дека Мицкоски, иако изјавата за незавршено македонско прашање го претстави во контекст на Бугарија, смета дека тоа се однесува и на Грција.
„Премиерот се обиде да го претстави како да е само за Бугарија, но односот на владата со некористењето на уставното име го прави, условно речено македонското прашање, незатворено и по прашање на Преспанскиот, бидејќи владата некориустејќи го ерга омнес името, де факто, Преспанскиот договор го прекршува. Така што, мислам дека тој се обиде да го намали опсегот на неговата изјава, сведувајќи ја само на пресудите од Стразбур и недостатокот на регистрација на македонско здруженија во Бугарија“, вели Арсовски.
Коментарот на Мицкоски за реакцијата која следеше од Грција, дека Атина се препознала во неговата изјава и можеби има грижа на совест, споменувајќи го во тој контекст и познатиот психоаналитичар Зигмунд Фројд, според Аровски не може трајно да ги наруши односите меѓу двете земји, иако кризата во односите не е завршена.
„Ваквите шегаџиски изјави треба да имаме предви дека се дадени пред македонската дијаспора во Њу Џерси која е секогаш малку понационалистичка од публиката дома. Подоцнежното дообјаснување се однесува и на таа публика. Не мислам дека можат трајно да ги нарушат односите со Грција затоа што сметам дека барем еден член во тој дијалог, Грција, се однесува како полнолетен, како возрасен човек, и покрај тоа што ние варираме во тој однос“, е ставот на Арсовски.
Според Арсовски во моментов и на двете страни им одговара да ја држат главата в песок односно затскривање на проблемот, но оти тоа не може да трае вечно. Според него кога тогаш Македонија ќе мора да реши дали ќе го почитува Преспанскиот одговор, ќе го менува или раскинува, бидејќи стратегија на „ниту го почитувам ниту го раскинувам“, како што вели Аросовски, не може да трае вечно.
Тамара Грнчаровска