Вести Македонија Најважни

Исписот на двете новороденчиња од прилепската болница е пропуст на надлежните

Дисциплинска одговорност бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат од лекарите  во Општата болница во Прилеп, кои учествувале во лекувањето и предвремениот испис на близнаците од прилепското село Славеј, кои починаа на 16 јануари.

Ова се наведува во извештајот на инспекторите,  по надзорот извршен во Одделение за гинекологија и неонатологија во прилепската Болница. Бебињата биле пуштени дома  на барање на мајката и со нејзин потпис, иако лекарите биле на ставот  дека треба да останат во установата. Тие биле во инкубатор до денот на исписот, имале тежина под 2 килограми, а примале терапија поради појава на неонатална жолтица.

Болницата за предвремениот испис не го известила ниту  Центарот за социјални работи, утврдиле инспекторите од ДСЗИ од каде соопштија дека до министерот за здравство ќе иницираат постапка за стручен надзор на оваа  здравствена установа.

  • „Согласно надлежностите на ДСЗИ, до Општата Болница  Прилеп ќе биде издадено решение со наредба за спроведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на новородените, како  и наредба за задолжително известување на надлежен Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени,  за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка“, се наведува во извештајот на ДСЗИ.

Инаку во Законот за заштита на правата на   пациентите во членот 27 го уредува и правото за самоволно напуштање на болницата

  • „Пациентот  има право самоволно да ја напушти болничката здравствена установа, освен во случаи кога тоа би било штетно за неговото здравје и здравјето или безбедноста на други лица“, се наведува во член 27 од Законот за заштита на правата на пациентите.

Се отвора и прашањето дали задоцнета била  посетата на патронажната сестра, која  дошла во домот на близнаците на 16 јануари, истиот ден кога тие починаа, иако е пропишано дека оваа посета треба да се оствари првиот ден  ден по отпуштање од болница. Има дилеми и околу вклученоста  на  Центарот  за социјална  работа, од каде соопштија дека семејството не е во социјален  ризик, иако никој  не е вработен и примател на детски додаток за останатите три деца.

  • „Имаме инспекторати во склоп на Министерството. Ангажирани се, во моментот кога ќе достават информации ќе излеземе со информации и податоци. Има превентива, но многу значи од Центрите за социјална работа“, изјави Фатмир Лимани, министер за труд и социјална политика.

Близнаците  се родија на 30 декември предвреме, со мала тежина, под 2 килограми. На своја рака со потпис мајката на 10 јануари си заминала дома со бебињата. На 16 јануари поради влошување на  здравствената состојба на новороденчињата, семејството во  својот дом во селото Славеј повикало Итна помош, која констатираше  смрт  на машкото бебе, а женското почина  во прилепската болница. Прилепското обвинителство веќе оформи предмет за овој случај и ги истражува сите аспекти на третманот на новородените близнаци, нивното лекување, отпустот од болница.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца пациенти повредени во пожарот во Кочани сè уште се надвор од државата, втората група на Пониква заминува од средина на јули

Дејан Дејан

Трамп не размислува за продолжување на 90-дневната пауза за воведување царини

Дејан Дејан

Жена паднала кај охридската населба Канео

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе