Мостови, обиколници, градинки, булевари, водоводи, канализации, детски игралишта, пазари ќе се градат низ општините во земјава со парите од првата транша од унгарскиот заем. Тендерите завршиле за повеќе од 200 проекти, а општините кои се 81 на број до централната власт доставиле вкупно 288 проекти. Нивната изградба почнува со подобрување на временските услови.
Но, министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска од Штип рече дека само два договорa ќе бидат повторно објавени, заради технички проблеми со јавните набавки. Во меѓувреме локалните власти подготвуваат техничка документација за нови инфраструктурни проекти и за вториот повик за искористување на пари од унгарскиот заем.
Додека општините тријат раце за вториот повик, бизнис секторот сè уште е во исчекување на парите од унгарскиот заем преку банките да им бидат достапни за инвестиции. Од Стопанската комора со став дека можеби малку повеќе се одолговлекува од датумот кога требаше да го добијат, но сепак успеале во намерата сите компании да учествуваат во добивање на кредитот. Компаниите четири месеци чекаат на овие пари за да инвестираат.
За овие 250 милиони евра можат да конкурираат сите компании, без разлика дали се мали, средни или големи. Освен за нови машини во погоните, механизација, со нив можат да се градат трговски центри и сончеви централи.
Викторија Јованова