И покрај слабите резултати на анкетите Социјалдемократската партија на Германија му ја даде поддршката на Олаф Шолц и го номинираше за кандидат за иден канцелар на партиската конференција која се одржа во Берлин.
Иако партијата има ниска поддршка во анкетите од само 14-17%, Шолц останува оптимист и ја повика партијата да се бори за повторување на успехот од последните избори, кога неговата партија неочекувано извојува победа.
– Би сакал да ви се заблагодарам за оваа огромна поддршка за мандат за кој ќе се бориме за да бидеме сигурни дека работите ќе продолжат да одат добро во нашата земја, дека можеме да добиеме добра иднина во тешки, многу тешки времиња. И затоа сега ќе се трудам да направам се што можам заедно со вас за да се осигураме дека, исто како и минатиот пат, уште еднаш ќе ги изненадиме сите луѓе кои веќе го знаат исходот, порача Шолц.
Шолц води малцинска влада по распадот на неговата коалиција во ноември, кога министерот за финансии беше отпуштен по несогласувања околу економските политики на земјата.
Меѓувреме, германската крајнодесничарска партија АфД ја номинираше Алиса Вајдел за свој кандидат за канцелар на партиска конвенција што се одржуваше во Саксонија и која се соочи со демонстрации и блокади на патиштата пред нејзиниот почеток.
Вајдел повика на затворање на границите на Германија за недокументирана миграција и враќање на сервисот на гасоводот „Северен тек“, што предизвика громогласен аплауз на конвенцијата.
– Имаме план за иднината на Германија, со кој ќе започнеме во првите 100 дена од владата, а тоа е целосно затворање на границите и отфрлање на секој нелегален мигрант и лица без документи. И многу јасна порака до целиот свет: границите на Германија се затворени, драги пријатели, тие се затворени, рече Вајдел.
Крајнодесничарската партија е на второто место во анкетите со околу 20% поддршка, но нема реални шанси да формира влада бидејќи другите партии одбиваат соработка со нив.
Кандидатот на Унијата, Фридрих Мерц, води во анкетите со околу 30% поддршка и е фаворит за иден канцелар.