Федерика Брињоне стигна до својата прва победа во кариерата во спуст во Светскиот куп во алпско скијање во Сент Антон, Австрија, а воедно стана и највозрасната скијачка што славела во најбрзата дисциплина.
Италијанката денеска оствари време од 1:16,08 минути и за само седум стотинки беше побрза од Малори Блан. Младата Швајцарка го оствари првиот подиум во кариерата на само втората трка во рамки на Светскиот куп. Трета беше Естер Ледецка од Чешка.
Легендарната Американка Линдзи Вон денеска официјално се врати во Светскиот куп и го освои шестото место на нејзината прва трка во спуст по шест години.
Корнелија Хитер останува лидер во поредокот во спуст со 136 бодови, додека Брињоне се проби на второто место со седум бодови помалку. Во генералниот пласман нема промени на врвот, прва е Зринка Љутиќ од Хрватска со 456 бодови, пред Сара Хектор, која има девет помалку, а Камил Раст е трета.
Утре во Сент Антон се вози трка во супер велеслалом.