На големата сцена на Македонскиот народен театар, вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Бог на колежот“, која според текстот на Јасмина Реза, ја постави Весна Петрушевска како проект со кој магистрира режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Претставата е жесток коментар на стварноста во која живееме, каде врсничкото насилство меѓу младите е одраз на односите во семејствата, нивниот лажен морал, насилни пориви, амбиции и робување на општествените норми.
Врсничкото насилство како огледало на односите во современите семејства, е темата на претставата „ Бог на масакрот“, која според наградуваниот текст на француската писателка Јасмина Реза, ја постави актерката Весна Петрушевска , како проект со кој магистрира режија на ФДУ. Две реплики од тектот „ Насилството, тоа е нашиот бизнис “ и „ Насилството , тоа е наша работа“, вели Петрушевска, биле доволни таа да се впушти во оваа творечка авантура.
- Ние сме дивјаци, ние сме насилни, ние сме неандерталци. И ние не сме цивилизирани. Тоа го покажува нашето однесување воопшто како индивидуалци во општеството во кое живееме, градиме, твориме, создаваме. И тоа го пренесуваме на нашите деца, вели Весна Петрушевска, режисерка на претставата.
Во фокусот на дејствието се два пара родители што се среќаваат по тепачка меѓу нивните синови. Но, куртоазната средба на родителите градира од меѓусебни обвинувања до целосна ескалација, доловувајќи го нивниот лажен морал, насилно однесување, брачни проблеми, амбиции и робување на општествените норми. Покрај младите актери од школата на Весна Петрушевска, во претставата играат Наталија Теодосиева, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски и Симеон -Мони Дамевски.
- Јас тоа сум го гледал во животот, такви деца кои имаат родители на моќни позиции. И кои дозволувале децата да прават сѐ и сешто , затоа што знаеле ако заглават, ќе ги извадат.Апсолутно, тоа е една од причините заради која имаме цивилизациски проблем, вели Симеон- Мони Дамевски, актер.
- Насилството на децата е дефинитивно некаков вид на рефлексија на односот на нивните родители, кон светот во кој живеат. И начинот на воспитување и принципите кои што ги даваат на децата, кои што понатаму исто така ќе влезат во тој круг на насилство, вели Ѓорѓи Јолевски , актер.
На оваа трагикомедија со елементи на фарса и апсурд, работеа и Татјана Христоска како сценограф и Наталија Терзија како костимограф. Музичкиот избор го направи Весна Петрушевска, а се користи и нумерата на Игор Џамбазов „ Пепел и мрак“, што е всушност препеана верзија на руската песна „ Темна е ноќта“ во изведба на Марк Бернес. „ Бог на колежот“ , е работена како копродукција меѓу МНТ и продукцијата „Студио 70“ , на Весна Петрушевска.
Сотир Трајков