Претставничкиот дом има помалку од 24 часа да го усвои буџетот и избегне затварање на најголемиот дел од федералните институции поради недостаток од финансии. Веќе претходно постигнатиот договор помеѓу Републиканците и Демократите пропадна во среда, откако милијардерот Илон Маск, кон сѐ уште нема никаква функција во федералната влада, со серија постови на неговата платформа „Х“ успеа да поколеба десетина Републиканци да ја повлечат поддршката за договорот. Последниот удар на договорот му го зададе Трамп, кој обвини дека биле направени премногу отстапки на Демократите, поради што спикерот Мајк Џонсон мораше да го повлече предлогот.
- „Го поддржавме секое ваше барање. Ова беа скромни договори кои се постигнаа и од страна на двете партии беа преточени во чесен и јавен договор. Спикерот на Претставничкиот дом не си го одржа зборот“ изјави Ричард Нил, демократ, претставник од Масачусетс.
Републиканците набрзина составија нов предлог и Џонсон го стави на гласање, но Деморкатите исто толку брзо гласаа против. Меѓу другото, за Демократите проблематичен беше членот со кој требаше да се суспендира лимитот на јавниот долг за време на првите две години од мандатот на Трамп.
- „Мислам дека е неодговорно да ризикуваме блокада поради овие прашања за работи за кои веќе претходно се согласиле. Мислам дека нив треба да ги прашате за тоа“ изјави Мајк Џонсон, Спикер на Претставничкиот дом.
Гневните Демократи ги обвинија Трамп и Маск за пропаѓањето на договорот, иронично нарекувајќи го милијардерот „претседателот Маск“ поради неговото влијание врз Трамп.
- „Ќе продолжиме да се бориме за обичните Американци. Токму затоа гласавме против овој закон. За да ја запреме оваа неодговорна, заостаната и реактивна републиканска блокада, гласајте против“ изјави Хаким Џефрис, лидер на малцинството во Претставничкиот дом.
Доколку до вечерва на полноќ не биде постигнат договор меѓу двете партии и не се изгласа финансирањето најголемиот дел од федералната влада ќе прекине со работа. Единствено непогодени од ова ќе бидат граничната служба, полицијата и контролата на летање, додека милиони вработени во администрацијата ќе мораат да останат дома, без плата.
Игор Трајков