Од кружниот тек во Ѓорче Петров до Зелениково- сите општини од десната страна на реката Вардар од петок по 22 часот ќе останат без вода. Ова за Телма го соопштија од Водовод. Прекин со водоснабдување ќе има се додека не се санира дефектот, поврзан со главната цевка. Од ЈП се надеваат дека работата ќе се одвива како што треба и санацијата би завршила во сабота, или најдоцна до недела. Освен граѓаните без вода ќе останат неколку болници, трговски центри, продавници, хотели, кафеани, занаетчкиски дуќани. Граѓаните загрижени пред камерата на Телма велат дека се надеваат дека нема долго да бидат без вода.
Претходно од јавното претпријатие информираа дека вакво затворање се случува еднаш на 50 години.
„Последно такво затворање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира истиот, велат од ЈП Водовод и канализација.
Проблемот на улицата Никола Парапунов трае речиси две недели. Со денови тече питка вода за пиење и се разлева по улиците, а надлежните од кој постојано баравме одговори велеа дека им треба време за да скројат план како ќе се решава сето ова.
Според нивните објансувања дефектот е лоциран. Поточно станува збор зса затворач кој е врзан за главниот цевковод од каде со вода се снабдуваат две третини од граѓаните на главниот град.
Изминатиов период порблеми со вода имаше во повеќе градови низ земјава. На крајот на август Битола на плус 40 степени речиси 20 часа беше без вода, а граѓаните се жалеа дека не се обезбедени ниту цистерни.
Симона Петровска