Сириските бунтовници се приближуваат кон Дамаск од север и југ и влегле во клучниот град Хомс, јавуваат агенциите. Нивната цел е соборување на режимот на Асад. Сириското претседателство ги негира информациите дека претседателот Башар ал Асад го напуштил Дамаск.
Претходно, демонстранти ја урнаа статуата на таткото на сирискиот претседател во предградието Џермана, на околу 10 километри од Дамаск. Темпото на напредување на бунтовниците во Сирија е неверојатно, вели дописникот на „Би-Би-Си“ за Блискиот Исток.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија вели дека ситуацијата се менува од минута во минута и повикува на уредна транзиција на власта, додека бунтовничките борци остваруваат огромни територијални придобивки против владините сили. Говорејќи во Доха, тој ја повтори својата желба за деескалација, смиреност, избегнување на крвопролевање и заштита на цивилите. Тој, исто така, повика на отпочнување на процес што води кон остварување на легитимните аспирации на сирискиот народ.
Бунтовниците, предводени од исламистите, кон крајот на минатиот месец, ненадејно почнаа офанзива на северозападот на земјата против сириската армија, разгорувајќи ја граѓанската војна по неколку години затишје. Бунтовничката алијанса, предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, го освои градот Хама во четвртокот, што е нивна втора голема победа во брзото напредување на северот, откако минатата недела ја презеде контролата врз Алепо.