Многу ми е жал и сакам искрено да се извинам на луѓето кои беа шокирани, рече јужнокорејскиот претседател Јоон Сук Јеол во телевизиско обраќање до нацијата по одлуката да воведе вонредна состојба во земјата. Додаде и дека нема да настојува да избегне правна и политичка одговорност за стореното.
Ова беше негово прво јавно појавување, откако во средата рано наутро ја укина наредбата за воведување на вонредна состојба и тоа по шест часа од нејзиното прогласување.
Лидерот на јужнокорејската владеачка партија Хан Донг-хоон по обраќањето на Јоон изјави дека претседателот повеќе не е во позиција да ја извршува јавната должност и оти неговата оставка е неизбежна.
Хан во петокот рече дека претседателот е опасност за земјата и оти треба да се тргне од власт, зголемувајчи го на тој начин притисокот врз Јоон да се повлече.
Јужнокорејските пратеници попладнево треба да гласаат за предлогот на главната опозициска Демократска партија за отповикување на Јоон, како и за посебен закон за прогон на првата дама Ким Хеон Хее. Тоа е причина и денеска да се очекуваат протести во Сеул.