Безбедносните служби не откриваат детали, министерот тврди дека бил предупреден за можни инциденти од поединци и групи на прославата на Денот на албанското знаме. Директорот на Агенцијата за национална безбедност вели дека информациите на безбедносните служби се класифицирани, оттаму и не може да открие детали за јавноста, дали и со какви оперативни сознанија располагале пред инцидентите?
-Како тие би знаеле дали јас сум предупредил некого или не? Тоа се класифицирани информации, не можам да ви дадам детали.Ние сме во тек со сите случувања и превентивно и реактивно. Како за претходните, така и за оваа ситуација сме биле оперативно насочени кон превенција на насилен екстремизам, а ќе бидеме и понатаму. Имаме одлична соработка со сите безбедносни органи. Граѓаните можат да бидат спокојни, изјави Бојан Христовски, директор на Агенција за национална безбедност.
По обвинувањата од опозицијата дека, овие служби потфрлиле затоа што не ја известиле навреме полицијата, директорот на Агенцијата за национална безбедност прашува, како тие можат да знаат дали навистина било така?
Министерот, пак, тврди дека бил предупреден.
Тошковски тврди дека има докази за вмешаност во инцидентите на кадри од ДУИ, оттаму, рече и дека се срами кога ги слуша нивните барања за негова оставка. И од владејачката „Вреди„ обвинија дека инцидентите биле предизвикани по околните улички,од страна на кадри на ДУИ, а дека прославата на Скендер бег била пријавена во МВР од страна на општина Чаир и таму ситуацијата била мирна, порача Тошковски.
Министерот Изет Меџити бара одговорност за сите хулигани што дивееја вечерта. За тие што го палеа македонското знаме, за тие што во Прилеп уништиле албанско знаме, но и дисциплинска постапка за полицаецот кој симна знаме поставено во Куманово.
И од ДУИ бараат одговорност за сите инциденти. Го осудија и откорнувањето на таблата од канцеларијата на српскиот Конзулат во Куманово, за што вчера реагираа и од српската амбасада.Повторно бараат оставка од министерот и неговиот заменик, во спротивно, ќе им поднесат интерпелација во Собранието.
Од СДСМ, пак, бараат лидерска средба, на која би се разговарало за безбедносната ситуација.
„Нашето општество се соочува со исклучително тензични моменти кои бараат од сите нас, политичките партии, институциите и лидерите – да покажеме максимална одговорност и зрелост. Настаните од изминатите денови ги вознемирија граѓаните, ги ставија на тест нашите меѓусебни односи и удрија по темелите на соживотот кој толку внимателно го градиме од осамостојувањето.Лидерската средба е обврска -да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна„, сметаат од оваа партија.
Премиерот не гледа потреба од лидерска средба.
Тројца од осумте приведени лица кои го уништуваа македонското знаме, го добија максималниот осумдневен притвор, предвиден за брза постапка. Одлуката е образложена со „опасност од бегство и повторување на делото“.Полицијата синоќа го приведе и 17-годишниот малолетник од Куманово, кој ја откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Србија во Македонија, лоциран во Куманово.
Далиборка Цветановска Демјанска