Државата крати средства на терапија за пациентите со ХИВ, тврдат од здружението „Заедно посилни“. Тие велат дека во буџетот во програмата за ХИВ за 2025 година предвидени се 90 милиони денари. Додека буџетот се намалува, расте бројот на позитивни пациенти. Па така пример во 2018 година кога се лекувале 200 пациенти, буџетот бил 95 милиони денари, а во 2025 година кога се очекува да се лекуваат повеќе од 500 лица буџетот е намален за пет милиони денари во споредба со пред седум години, а во меѓувреме трошоците растат.
„Буџетот за програмата за ХИВ за 2025 година е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари кои нема да бидат доволни ниту за обезбедување терапија, а во однос на мерките за превенција тоа ќе значи целосно нивно затворање“, вели Андреј Сених, координатор на работната група „Заедно посилни“.
Од здружението обвинуваат дека надлежните го кратат буџетот без воопшто да се согледаат реалните потреби на граѓаните. Терапијата е клучна мерка за спречување на епидемија на ХИВ. Кога луѓето се на терапија се спречува пренос на вирусот на други лица, вели Андреј Сених, од здружението „Заедно посилни“. Тие вчера се обратиле до Министерствата за здравство и финансии, но засега немаат одговор.
„Нас како земја треба стратегија да ни биде што повеќе недијагностицирани лица со ХИВ да откриеме и да ги ставиме на терапија. Тогаш практично на тој начин ја решаваме оваа епидемија и ставаме крај“, додава Сених.
Во Македонија секоја година со ХИВ заболуваат 46 лица, а во моментот 440 се на терапија. Доколку буџетот остане намален и се укинат мерките за превенција тогаш постои можност од зголемен број случаи на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции, алармираат од здружението.
Тамара Марковска