Поголеми трошоци од приходи, задоцнети услуги и низа неправилности. Државните ревизори пресметале дека автобусите на ЈСП возат за еден денар приход, а имаат два денари трошок.
Ревизијата на работењето за претходните две години, утврдила и дека Владата не донела одлуки за одобрување на пари од буџетот на Министерството за образование и наука за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз, на студентите на државните универзитети.
Во буџетот на МОН не биле предвидени пари за оваа намена, додека ЈСП Скопје продолжило да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на пари од МОН, велат од ДЗР, влијае на континуитетот на услугата.
Државниот завод за ревизија констатирал и неправилности во работата на системите за следење на возилата и оној за електронска наплата на билети, кои се скапо платени и вредат речиси 2 ипол милиони евра.
Функционалната надградба, вклучително и воведувањето на електронски билети и апликации за паметни телефони, не е реализирана во рок, што предизвикувала поплаки од патници за повеќекратна наплата на билети. И покрај неисполнувањето на обврските од страна на економскиот оператор, ЈСП Скопје не презело мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства, велат од ДЗР.
Ревизорите утврдиле и дека поради ненавремено плаќање, приватните превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80% во текот на месецот. Тие пак ја очекуваат иницијативата за зголемување на цената од километар која треба да се најде на градската седница закажана за во четврток, по што останува неизвесно дали ќе продолжат целосно да возат.
Ревизијата посочува дека се потребни активности како подобар квалитет, ефикасност и навремена услуга на јавниот превоз, но и подигање на еколошки стандарди се со цел отстранување проблемите кои подолг период се присутни во работењето на Јавното сообраќајно претпријатие.
Симона Петровска