Вечерва во Скопје се одржа гала вечерта на која се доделуваа наградите на најдобрите атлетичари за годинава што изминува.
Во главниот град на Македонија вечерва престојуваше светската рекордерка во скок во височина Јарослава Махучик од Украина која по европското и олимпиското злато ја освои наградата за најдобра атлетичарка на Стариот континент.
Кај мажите признанието му припадна на Арман Дуплантис, кој исто така беше најдобар на континенталното првенство во Рим, а се закити и со златото на Игрите во Париз.
За најдобри млади атлетичари за 2024 година беа прогласени Србинката, Адријана Вилагош која се натпреварува во фрлање копје и Холанѓанецот, Нилс Ларос кој најмладиот финалист во олимпиското финале на 1500 метри и европски рекордер во оваа дисциплина до 20 години.
Во Скопје во изминативе денови беше и првиот човек на Светската атлетика, Себастијан Коу кој се смета и за најсериозен кандидат за нов претседател на Интернационалниот олимписки комитет.
ФОТО: Игор Паневски