Скопје ќе биде домаќин на Конвенцијата на Европската атлетика од 24 – 27.октомври на која ќе се одржи и манифестацијата за избор на најдобрите европски атлетичари. Специјален гостин на настанот ќе биде Лорд Себастијан Коу.
Министерот за спорт, Борко Ристовски и претседателката на Македонската атлетска федерација ,Александра Војнеска Зикова на денешната прес-конференција во присуство на првиот човек на Европската атлетика, Добромир Карамаринов најавија дека македонскиот главен град ќе биде домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација. Во склоп на оваа престижна манифестација од 24-ти до 27-ми октомври ќе се одржи и „Голден Тракс Скопје 2024“, односно изборот за најдобрите атлетичари во Европа за оваа година.
На Конвенцијата ќе присуствуваат над 300 истакнати личности од атлетиката од 51. федерација од Стариот континент, а како специјален гостин ќе биде и Лорд Себастијан Коу, претседателот на Светската атлетска федерација и иден кандидат за прв човек на Интернационалниот Олимписки Комитет.
„Организацијата на оваа манифестација претставува големо признание за Македонија и значи голема промоција на македонската атлетика. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработката, не само во спортот, туку и пошироко. Оваа Конвенција и присуството на почитуваните гости од Светската и од Европска Атлетска Асоцијација ни овозможува долгогодишна соработка и презентирање на нашата земја во овој спорт за што сум особено горд“, истакна министерот Ристовски.