Одлуките на седниците на Управниот одбор се донесуваат по пат на јавно гласање – стои во членот 9 од статутот на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Вчерашниот избор за нова директорка на оваа институција беше спроведен со тајно гласање, со заокружување на еден или повеќе од седумтемина кандидати на избирачките ливчиња – процедура која беше договорена по стартот на седницата, но без присуство на јавноста.
Зошто беше избрана Ирина Трајкоска Стрезоски јавноста не можеше да слушне, но дури и да не е пропишано – објаснување треба да има, затоа што во судскиот систем образложението на одлуките е клучно за граѓаните да разберат и да веруваат дали е направен соодветниот избор, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Медиумските архиви покажуваат дека претходниот избор, членовите на УО јавно кажувале за кого и зошто гласаат. Таков беше случајот и со последниот избор на Габер Дамјановска пред две години.
Процедура за избор, односно гласање не е предвидена во законот и подзаконските акти, а токму тоа но и големиот број на кандаидати, вчера беше потенцирано како образложение за едночасовна пауза во која се утврдуваа правила. Шестемина кандидати кои отпаднаа, сега можат да тужат пред Управниот суд, велат експертите, но засега нема таква најава.
Освен правни за овој избор од позадина се наметнаа и дилеми за евентуални политички лобирања. Новата директорка, во телефонска изјава за Телма, потврди заменик министерката за екологија Ане Лашкоска и е другарка, но исклучува дека нивниот приватен однос влијаел на изборот.
„Политчичка припадност врз основа на приватни фотографии во овој момент не треба да се утврдува. Ние сме другарки цел живот и пред таа да биде во политика, а ќе останеме и во иднина. Нема влијание од мојата другарка врз било кој да гласа за мене. На таа тема не сме ни разговарале. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата што ми беше дадена со изборот од страна на Управниот одбор. Навистина ме радува интересот и на медиумуте за Академијата и верувам дека со мојата работа и достапноста особено за вас новинарите ќе придонесеме за унапредување на транспрентноста на Академијата“, вели Ирина Трајкоска Стрезоски, нова директорка на АСЈО.
Трајкоска Стрезоски завршила во Академијата во 2009-тата по што е избрана во прилепското основно обвинителство за четири години подоцна, во 2013-тата да биде унапредена во вишото битолско обвинителство. Таа е и член на советот на ИКТ.
Елена Ивановска Мукоска