Гостувањето на Националната опера и балет во Софија со операта „Набуко“ која беше проследена со овации од публиката е само уште една потврда колку е важно да се инсистира и промислува сето она што во себе го обединува културната дипломатија.
Да се подигне свеста за национална стратегија кога е уметноста во прашање и сите аспекти на меѓукултурниот дијалог, забележа претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Уште еднаш се потврди дека политиката е далеку од уметноста на можното, ама музиката може да го достигне и она што изгледа невозможно. Мислам дека да имаше директен пренос тоа ќе го почувствуваа сите дома. Затоа велам дека културната дипломатија е неискористена, а може да направи чуда, рече Силјановска – Давкова.
Ова е инспиративно, ова дава надеж обратно од политиката. Да повторам со она што почнав. Денес има страшна криза на лидерство во светот, денес со политика се занимаваат луѓе кои не можат да се занимаваат со уметност, затоа што веднаш ќе се види незнаењето, како што тука се виде креацијата и знаењето, додава Давкова.
Восхитен сум од изведбата на Националната опера и балет, културната соработка е нешто што има долга традиција меѓу нашите две земји, дијалог низ уметноста на кој треба во континуитет да се инсистира, вели првиот човек на Софиската опера Борис Борисов.
Имате неверојатни солисти, диригентката Чадловска беше прекрасна, одлична изведба. Најважното во уметноста е врската со публиката и тоа можеше да се потврди вечерва, истакна Борисов.
Во дијалогот меѓу две земји токму културата е онаа која умее да ги премости некои нешта кои навидум изгледаат непремостиви, министерот за култура и туризам Зоран Љутков додавајќи дека смета оти ова може да ги приближи – сите земји
Со гостувањето на Националната опера и балет и изведбата на „Набуко“ од Џузепе Верди и официјално започна сезоната на Софиската опера и балет.
Новинар: Нина Стефанова
Снимател: Александар Шејкеровски