Втор случај на морбили кај 12 годишно дете од село Долно Коњари, во општина Петровец. Се работи за импортиран случај од Србија, конкретно од Нови пазар каде што веќе има појава на позитивни случаи на морбили.
12 годишното дете е невакцинирано, живее во седумчлено семејство, 3 деца се вакцинирани со 2 дози МРП вакцина, две деца не се вакцинирани, меѓу кои и потврдениот позитивен случај.
Родителите се уредно вакцинирани согласно возраста, но одбиваат нивните две деца да бидат вакцинирани.
Дадени се соодветни препораки на семејството, доколку знаеме дека според закон не следува никава изолација, вели Андоновска.
Она што можам да го кажам според епидемиолошката анкета што е направена исказите се дека немало многу контакти, ниту пак одело во училиште во наслебата Петровец, с. Долно Коњари. Родителите и самото дете кажуваат дека изминатите денови од кога се вратило од подрачјето каде што престојувало во Србија не одело во училиште ниту тоа, ниту неговото братче кое што е невакцинирано. Негираат повеќе контакти велат дека контактите се во кругот на семејството, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.
Надлежните институции со апел до матичните лекари кога ќе забележат суспектен случај да биде препратен на Инфективната клиника, па од таму на анализи во Институтот за јавно здравје или веднаш во самиот Институт.
Во текот на 2024 година во Македонија пријавени се вкупно 2 лабораториски потврдени случаи на мали сипаници. И во првиот случај во месец јуни, потврден во Лабуништа, струшко се работи за невакцинирано дете.
Според Институтот за јавно здравје доколку го имаме предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи е нешто што се очекува.
Нина Стефанова