„Коридорот 8 е стратешки важен за државата, но некој се обиде да ме поткупи за тендерот“. Ова го кажа премиерот Мицкоски од владината говорница. Не кажува кој нудел поткуп, но тврди дека пријавил во надлежните институции.
По ова, извесно е дека пропаѓа тендерот за изградба на пругата кон Бугарија.
Мицкоски вели дека останува на ставот дека така како што е предвиден проектот претставува сериозен проблем и Владата нема да потроши 560 милиони евра за железничка инфраструктура којашто завршува „на половина тунел, во слепа улица на границата со Бугарија“.
Денеска тој и други владини претставници имале комуникација со партнерите од Брисел, но и од банките преку кои треба да се финансира изградбата.
Од Владата велат дека и да се заврши изградбата – нема гаранции дека истото ќе го направи и источниот сосед.
Ова го базираат на тврдењата дека проектот не е целосен, треба да биде завршена и другата половина од тунелот, како и 5 до 6 километри со коишто истиот ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна.
„За Коридорот 8, секцијата 3 за пругата, имаше обид да ми биде понуден поткуп со којшто јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација којашто истекува на 17-ти септември. Затоа кажувам дека се додека сум јас претседател на Владата, овој тендер којшто е тековен и истекува на 17 септември – нема да го прифатам!“, вели претседателот на Владата на РС. Македонија, Христијан Мицкоски.
Рокот за доставување на понудите истече на 26 јуни и кон средината на месец септември треба да се избере фирмата која ќе ја реализира третата делница. Ако има дополнителни проблеми, комисијата може да даде уште 40 дена за евалуација.
Пред два месеци, министерот за транспорт Николоски посочи дека еден километар од пругата ќе чини 24 милиони евра, ќе поминува среде Крива Паланка и ќе треба да се уриваат куќи и да се иселуваат жители, покрај тоа што пругата ќе завршува во тунел.
Тогаш Николоски побара да се реагира и обвинителството и да ја провери работата на Македонски железници – Инфраструктура.
Претходно, во извештај на Државниот завод за ревизија беше наведено дека според билатералниот договор меѓу Европската унија и Македонија, првично планираната сума за железницата била 340 милиони евра, но потоа е зголемена на 560 милиони евра.
Проектот за пруга кон Бугарија надвижеа повеќе влади. И за две години од сега се навршуваат точно триесет години откако се започнати фазата 1 и фазата 2 од реализацијата на овој стратешки проект.
Петар Догов