Вести Најважни Свет

Украина се надева на преговори, познавачите очекуваат „суров“ одговор од Путин за Курск

Речиси две недели откако Украинските сили започнаа да спроведуваат специјална операција на руска територија во областа Курск, Москва се уште не може да го запре украинското се подлабоко подирање. Се проценува дека за десет дена Киев успеал да заземе руска територија под своја контрола колку што Русија зазеде на источниот фронт од почетокот на годината.

Киев вели дека не е заинтерезиран да окупира делови од Русија но заземените населени места ги смета како фонд за размена. Доколку успее во намерите да ја принуди Русија на преговори земјата е подготвена територијата во Курск да ја отстапи во замена за окупирана украинска територија на истокот каде повеќе од две години се водат жестоки битки.

– Гледаме дека окупаторот трпи загуби и тоа е од помош, многу помага за нашата одбрана. Станува збор за уништување на логистиката на руската армија и исцрпување на нивните резерви. Мораме да нанесеме максимална штета на сите руски позиции и тоа го правиме, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинските сили вчера уништија два важни стратешки моста на реката Сејм, со што е пресечен главниот канал на снабдување со залихи за руските сили кои делуваат во овој регион и им претстои закана да бидат заробени.

Шефот на украинската војска, Олександр Сирски, вчера изјави дека офанзивата постигнала дополнителен напредок, а фондот за размена пораснал и по однос на заробени руски војници.

– Нашите сили продолжуваат да напредуваат во битките. Во некои области има напредок од еден до три километри кон непријателот. Битките се во тек по целата линија на фронтот. Ситуацијата во целина е под контрола, се се одвива според планот, реферираше врховниот командант на Украина, Олесандр Сирски.

Ненадејната прекугранична операција на Украина резултираше со евакуација на повеќе од 120.000 луѓе во населените места во кои се најдоа на линијата на фронтот.

Од првите денови на упадот на Украина во Курск, земјата тврди дека, освен заземањето на руската територија, многу војници покажале мал отпор и биле заробени.

Иако не е утврдено за колкав број на заробеници станува збор, сепак некои медиуми шпекулираат со бројка од над 2.000.

– Секој воен заробеник е снабден со место за спиење, душек, постелнина, перница, ќебе, предмети од прва потреба, како што се: лажица, чинија, чаша, паста за заби и четка за заби, прашок за перење, сапун. Ги снабдувавме и со облека. На секој воен затвореник му е дозволено да оди на прошетка во текот на денот, најмалку еден час. Бања добиваат еднаш неделно, вели Вадим, заменик раководител на центарот за притвореници.

Меѓутоа, како што Украина се движи кон западната руска територија, руските сили подеднакво остваруваат придобивки на истокот на Украина. Вчера, Москва соопшти дека нејзините трупи ја зазеле Серхиивка, последниот во низата градови превземени од страна на руските сили во последните недели.

Најновите достигнувања ги приближуваат Русите до градот Покровск, витален логистички центар што се наоѓа на главниот пат за снабдување на украинските војници долж источниот фронт.

Дел од западните аналитичари пак сметаат дека рускиот претседател нема да прифати никакви преговори за окупираната територија, и покрај амбициите на Украина, и наместо тоа ќе возврати многу „сурово“.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Нов пожар во близина на Скопје, гори кај Смилковци- очевидец пријавил на полиција дека видел како е подметнат

Дејан Дејан

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Локално население, грчки канадери, пожарникари и војници од АРМ го гаснеа пожарот во селото Николиќ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе