Преговорите за примирје во Газа и за враќање на израелските заложници веројатно ќе продолжат утре во Доха, денешните се ветувачки почеток, порача портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби.
Тој истакна дека американски претставници на денешните преговори биле директорот на ЦИА, Бил Бернс и координаторот на Белата куќа за Блискиот исток, Брет Мекгурк кои разговарале со претставници на Израел, на Катар и на Египет, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Кирби на брифингот со новинарите рече дека се „намалени некои празнини“ во пресрет на денешниот состанок во Доха, како и дека денешната средба била фокусирана на разговори за имплементација на договорот, бидејќи рамките се усогласени со двете страни.
Разговорите, според Кирби, минале како што и се очекувало, слично на претходните и оти египетските и катарските посредници ќе разговараат и со Хамас, иако палестинската организација соопшти дека нема да учествува на состаноците во Доха.
Според Кирби, Израел речиси во целост ги исполнил целите во Газа, убивајќи десетици борци на Хамас. Но, истакна дека Хамас не е само милитантна група, туку идеологија која се базира на верување дека Израел не треба да постои. Тој нагласи дека САД добиле информации дека можниот напад на Иран врз Израел би се случил без претходно предупредување и дека Вашингтон не знае кога би можело да се случи.